Македонија
10. October 2016 - 21:11

Претставници на „Охридско лето“ на Шангајскиот фестивал, форум и саем на изведувачки уметници

Претседателот на Управниот одбор на Фестивалот „Охридско лето“, Зоран Вељаноски - Летра, како член на Делегацијата на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) ќе учествува на 18-тиот Меѓународен фестивал, Форум и Саем на изведувачки уметности што од денеска до 16 октомври ќе се одржува во кинескиот град Шангај.

Високите преставици на Европската асоцијација на фестивали, меѓу кои се и поранешниот претседател на Хрватска, Иво Јосиповиќ заедно со Хуго де Греф генералниот секретар на ЕФА, Ибрахим Спахиќ од Меѓународниот Фестивал во Сараево, Карла Хулијано од Шпанската асоцијација на класична музика и други, за време на петдневниот престој во Кина ќе посетат повеќе фестивалски уметнички работилници, а ќе имаат можност да се запознаат и со изведувачките уметности карактеристични за Кина.

- „Охридско лето", како наш најголем и најпрестижен Фестивал, мека на уметниците во музиката и во театарот, со богата и трајна традиција значајна за Охрид и Македонија, ќе биде дел од овој голем светски собир каде присуствува културната елита од Европа и светот. Ова е навистина одлична можност да се презентира „Охридско лето“ како врвен фестивал кој повеќе од половина век ја надградува својата репутација на елитната културна сцена. Со тоа што сме дел од вака значајна делегација која присуствува на еден голем настан само потврдува дека „Охридско лето“, ги негува културните високи уметнички дострели според европските и светските стандарди, вели Вељаноски-Летра.

Тој притоа изрази уверување дека „Охридско лето“, како дел од Европската фестивалска асоцијација, ќе продолжи со успешните приказни за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал.

Инаку, „China SPAF 2016“ како Меѓународен фестивал, форум и саем на изведувачки уметности во Шангај се одржува од 1999 година и е еден од најпознатите меѓународни фестивали поддржани од Кинеското министерство за култура и градот Шангај. На овој реномиран фестивал секоја година учествиваат повеќе од 600 делегати од над 30 држави од светот вклучувајќи ги директорите и еминентните претставници од над 70 различни меѓународни фестивали од целиот свет.

Ново на Сител