Фудбал
2. May 2016 - 15:56

Премиер лига: Новинарите гласаа за Варди

Фудбалерот на Лестер, Џејми Варди, е прогласен за играч на сезоната во Премиерлигата, во изборот кој го направија англиските новинари. Претходно соиграчот на Варди, Ријад Марез, ја доби наградата за играч на сезоната во изборот кој го организираа професионалните фудбалери.
 
Џејми Варди, во изборот на новинарите, освоил 36 отсто од гласовите и ја доби наградата пред соиграчите Марез и Н’голо Канте. Во конкуренција за играч на сезоната беа уште четворица играчи на Лестер: Дени Дринквотер, Дени Симпсон, Вес Морган и Каспер Шмајхел.
 
Варди е првиот играч на Лестер кој ја добил оваа награда уште од далечната 1948 година, а е прв Англичанец по 2011 година, кога за најдобар бил прогласен Скот Паркер.
 
Англискиот репрезентативец сезонава има постигнато 22 гола, а на почетокот од сезоната постигна барем по еден гол на 11 натпревари во низа и го урна рекордот на Руд Ван Нистелрој.