Loading Video...
Свет
29. August 2024 - 12:24

Преглед на вестите од светот

Француското правосудство покрена истрага против основачот на Телеграм, Павел Дуров, и го стави под судски надзор. Дуров, според информациите од париското јавно обвинителство, меѓу другото е осомничен за недоволна соработка со властите во истраги за криминал и помош при кривични дела.

По неговото изненадувачко апсење во саботата и испрашувањето кај истражен судија, Дуров вчеравечер беше пуштен на слобода со кауција од пет милиони евра и услов двапати неделно да се јавува во полиција и не смее да ја напушти Франција, соопштија од јавното обвинителство. Притоа не е соопштено колку долго би можела да трае истрагата.

Ставањето под формална истрага во Франција не значи вина или нужно води до судење, но укажува дека судиите сметаат дека има доволно докази за да продолжи со истрагата. Истрагите може да траат со години пред да бидат испратени на судење или одложување.

 

Најмалку 28 лица загинаа во последните три дена во поплавите во западна Индија, соопштија властите. Реките во Гуџарат, држава на западниот брег на земјата, се излеаа од коритата и повеќе од 30.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

„Имам осуммесечна ќерка и пациент со астма, мајка ми која е на кислородна поддршка. Нема струја во последните два дена. Затоа се соочуваме со предизвици поради тоа што нема струја , вода за пиење или храна. Мораме да одиме до сувиот крај на патот за да обезбедиме храна затоа што луѓето одбиваат да ни помогнат. Нивото на водата достигнува до половината. Апелирам до владата да направи нешто за нас.

Во акциите на припадниците на итната помош и армијата беа спасени околу 1.850 луѓе.

Властите во Гуџарат соопштија дека 13 лица се удавиле, а други загинале при уривање на куќи.

Околу 1.000 села останаа без струја.

 

Францускиот претседател Емануел Макрон ги пречека шефовите на државите и меѓународни организации во Елисејската палата во средата  пред церемонијата на отворање на Параолимписките игри во Париз во 2024 година.

Париз 2024 продаде нешто повеќе од два милиони билети за Параолимписките игри, соопштија организаторите претходно во средата.

Повеќе од еден месец по церемонијата на отворање на Олимпијадата на Сена, отворањето на Параолимписките игри ќе се одржи и надвор од стадионот, овој пат на Елисејските полиња и на плоштадот Конкорд.

Натпреварите започнуваат денеска, со медали за велосипедизам на патека, пливање, таеквондо и пинг-понг и продолжува до церемонијата на затворање на 8 септември.