Македонија
6. November 2021 - 16:37

Пожарот во РЕК Битола нов удар врз енергетската криза

Пожарот кој синоќа околу 23 часот изби на еден од изолаторите на надворешниот  трансформатор на Блок 3 во РЕК Битола, беше изгаснат со брза интервенција, а повредени нема, информираат од комбинатот.

Пожарот ја активираше автоматската заштита која се вклучува заради безбедност, а тоа повлече и исклучување на Блок 1, заради што извесен период РЕК Битола не произведуваше струја затоа што не работеше ниту еден од блоковите. Но како што информираа од ЕСМ, после санирањето на пожарот и спречувањето дополнителни хавариски оштетувања, Блок 1 беше рестартиран и вратен, a од утрово работи со полн капацитет. Надлежните служби пак ги испитуваат причините за настанување на пожарот.

-Не ни беше дозволено снимање во кругот на РЕК Битола. Од комбинатот велат дека местото каде избувна пожарот е обезбедено и екипи на АД ЕСМ и на надлежните служби ќе ги истражуваат причините за настанот.

Бидејќи оштетувањето на транформаторот на Блок 3 е од поголеми размери, од ЕСМ велат дека за брзо нема да може да биде активиран во производствениот процес. Според енергетските експерти пак, за негово враќање ќе биде потребно најмалку една година.

Блок 2 пак беше во редовни сервисни активности за подготовка за работа од декември, но како што велат од ЕСМ, со оглед дека има потреба од побрзо вклучување, од следната недела и Блок 2 ќе функционира со полн капацитет. Но, според енергетските експерти, за негово вклучување ќе бидат потребни најмалку десет дена.