Македонија
7. November 2024 - 16:34

Пожар во депото на Железници – Транспорт, гореле стари вагони

Десетина стари и неупотребливи вагони изгореа во пожар во депото на македонски Железници – Транспорт. Пријавата дека избувнал оган во објектот каде се чуваат и поправаат шинските возила, пристигнала утринава пред два часот. Пожарникарите кои пристигнале први, не биле доволни да се справат со огнот, па побарана е дополнителна помош.

Иако локализиран во текот на ноќта, огнот во вагоните, утринава повторно пламнал. Густиот црн чад и миризба кои излегуваа од депото се чувствуваа до центарот на Скопје.

„Пожарот во депотот на МЖ транспорт бил закана и за вагони кои се во во возна состојба. По разгорување на огнот рано утринава, сите биле извадени надвор“ - изјави Ѕвонко Томевски, командант на ППЗ Скопје

Директорот на Железници-Транспорт, во разговор за Сител рече дека огнот не предизвикал материјална штета врз возниот парк. Опожарените вагони биле расходовани и не сообраќале по пругите.

Засега не се познати причините за пожарот. Се проверувале снимки од видео надзорот, а во текот на денот се правеше увид од надлежните.