Македонија
12. August 2017 - 17:17

Повеќе од 10 пожари беснеат во Македонија

Беснеат пожари низ целата територија на Македонија, кои веќе изгореа илјадници хектари шума. Најкритично и натаму е на подрачјето на општините Македонски Брод и Чашка. Таму сеуште на сила е одлуката за прогласување на кризна состојба.

Повторно е активна огнената стихија во атарот на селата Растеш, Заград и Волче, во општина Македонски Брод. За гаснење на пожарот се ангажирани лица од Шумското стопанство и општината, а на терен се и доброволци од месното население. Пожарот во селото Грешница е ставен под контроила и обиколен со заштитен појас, а во средината гори деградирана нискостеблеста шума.

Новото жариште кое вчера се појави во општина Чашка, откако пожарот од територијата на општина Прилеп навлезе во атарот на селата Смиловци и Попадија е локализиран. Вработени во ШС Бабуна сеуште гасат во овој реон, каде што е опожарена површина со сува трева и нискостеблеста шума.

Во скопскиот регион, активен пожар има на територијата на општината Зелениково, а мешана шума сеуште гори во делови од општината Ѓорче Петров, меѓу селата Никиштани и Грачани.

Огнената стихија која од вчера се појави во струшкиот регион, во планинскиот дел близу селото Богојци сеуште е активна. Зафатена е нискостеблеста шума и дабова шума, а таму интервенираат територијалните единици за протипожарна заштита од Струга.

Во тетовско – полошкиот регион најкритично е во атарот на селото Гргурница, во општина Брвеница. Запалени се сува трева и нискостеблести жбунести растенија. Освен интервенцијата на вработените во Македонски шуми, претставници од ДЗС од Тетово и локалното население, на пожарот 5-6 пати е интервенирано од воздух.

На сила сеуште е забраната за движење по шумите, а за оние кои нема да ја почитуваат истата се предвидени казни од 1500 до 2000 евра. Од вчера на терен се врши и засилена контрола во кризните подрачја.  Припадници на МВР и Шумската полиција дејствуваат координирано, а се врши и постојан мониторинг од воздух.