Македонија
24. March 2023 - 12:17

Потребни се повеќе стручни лица за деца со посебни потреби

Инклузијата на децата со посебни потреби во образовниот систем од година во година дава се подобри резултати. Зоран Мијалков од Штип е родител на две деца со аутизам, едното на 18, а второто на 11 годишна возраст. Вели дека помалиот син многу подобро е прифатен и од учениците и наставниците.

  • Јас имав среќа моето дете да биде многу прифатено од своите соученици, од наставничката, добивме и асистентка, стручните служби колку можат работат со него, така што се надевам дека за идните генерации уште подобра ќе биде инклузијата- изјави Зоран Мијалков, родител на деца со аутизам.

Смета дека има напредок во инклузивниот процес, но дека уште треба да се работи на зголемување на стручните тимови во училиштата со дефектолози и логопеди, зашто е зголемен и бројот на деца со посебни потреби. Од друга страна., радува тоа што децата се прифатени и надвор од школските клупи. 

  • Веќе ги канат на родендени, се дружат со нашите деца и вон училиштето, што е многу убаво. Порано не беше така. Со првиот син немав такво искуство, а сега со вториот ми е многу добро искуството-додаде Мијалков

Истражувањата на фондацијата „Чекор по чекор“ покажале дека на државно ниво не се преземаат доволно мерки во училиштата, за да се поддржи задоволувањето на нивните посебни потреби.

  • Има потреба од дополнителни дидактички средства, од по стимулативна средина, од просторија каде што ќе може поиндивидуално да се работи. Не би сакале да кажеме дека има некоја мерка која сите школи треба да ја задоволат, туку треба да развиеме еден начин на проценка на потребите на секое дете, на секое училиште и да работиме индивудално и со децата и со училиштата- изјави Елена мишиќ, тим лидер на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“.

Инклузијата е процес кој не е лимитиран, туку секогаш се надоградува, зашто секогаш може подобро.