Македонија
28. April 2018 - 17:56

Потребни подобри услови и повисока свест за заштита при работа

Без лична одговорност и последици по работодавачот кој наместо да го почитува законот  последиците  ги компензира и претвора во евра, работниците во земјата и понатаму ќе бидат незаштитени. Ова е ставот на македонското здружение за заштита при работа кои предупредуваат дека бројката од 25 лица кои лани загинале на работните места е аларм дека сите мора да се освестат и да преземат мерки за промена на оваа црна статистика. Во спротивно, претседателот на здружението вели дека во периодот што доаѓа повторно ќе ја има истата ситуација кога сите ќе делат препораки за жолта или портокалова фаза а земјоделците и раобтниците ќе работат на пеколните температури.

-Сите ќе алармираат а вие повторно ќе ги снимате како работат и не сакам да звучам грубо, но тие се потрошната работна сила. Но се додека нема индивидуална одговорност за последиците се дотогаш ќе ја имаме оваа ситуација, вели Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа

Петковски смета дека е ризична и новинарската работа бидејќи новинарите се изложени на многу ризици а сите велат дека тоа оди со професијата, посочувајќи ги како пример настаните во собранието од ланскиот 27 април.

-Дури и тој настан никој не го оквалификува како несреќа на работа, сите ја даваат само политичката конотација, но што е со тие што работат таму, дали работодавачот обезбедил услови за работа, вели Петковски

Денешната трибина на здружението по повод светскиот ден за безбедност и здравје при работа беше со млади луѓе, кои допрва треба да се впуштат во пазарот на трудот.

-Јас мислам дека и тоа како младите се свесни за ризиците со кои ќе се соочат младите на работните места, вели Јасмина Чаловска, професор на Машински факултет

Според резултатите добиени од анализа на несреќите на работни места во 2017, најмногу повредени работници имало во април а најголем број на смртни случаи во октомври.