Државно-партискиот врв го честиташе Велигден
Христовото воскресение како стожер на верата не инспирира да ја негуваме духовноста и да даруваме љубов секому и секаде. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова овој Велигден го честиташе од Охрид.
За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата. Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани, стои во нејзината честитка.
Заеднички да градиме мостови на разбирање, хармонија и мир, кои ќе бидат цврст темел за просперитетна и стабилна иднина, пишува и спикерот Гаши.
Велигденската порака е порака на надеж и обнова. Овој значаен празник е можност повторно да се потсетиме дека заедничките вредности како што се меѓусебното почитување, солидарноста и човечката добрина се суштински за напредокот на секое општество, се наведува во честитката на Гаши.
Велигден од Охрид го честиташе и премиерот Мицкоски.
Живееме во тешки времиња на предизвици и искушенија, и сум целосно свесен дека многу наши граѓани ги мачат истите проблеми и грижи. Сакам да биде подвлечено дека ние, сите заедно мора да работиме за напредокот и благосостојбата на секој еден човек, и тој пат да обезбедиме иднина не е воопшто лесен, но јас сум цврсто и непоколебливо решен заедно да го изодиме до целта. Заедно да ги менуваме работите, да се бориме против несигурноста, против ударите кои треба да не поколебаат, и да застанеме позади вредностите во кои веруваме, стои во честитиката на премиерот.
Велигден од Соборниот храм во Скопје го честитше и вицепремиерот за политички систем и претседател на Социјалистичката партија Љупчо Димовски.
Симболиката на Велигден кој ја слави победата на животот над смртта, носи силна порака за важноста на меѓусебното почитување и грижа, пишува и лидерот на СДСМ.
Секој од нас во себе има сила да придонесе да ја направи оваа земја подобра, а заедно можеме да постигнеме многу, пишува Филипче.
Почит кон сите христијански заедници во државата изразија и од ДУИ.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар