Потпишан Меморандум за соработка за програмата за практикантство за студенти по фармација и хемија во Алкалоид
Меморандум за соработка за програмата за практикантство потпиша денеска компанијата „Алкалоид АД Скопје“ со Фармацевтскиот факултет и Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје.
Генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов рече дека сакаат да им дадат шанса на студентите многу порано да влезат во рамките на работењето на компанијата. Посочи дека целта е да се подигне нивото на креативност на студентите, да видат што значи практично работење и на крајот тоа да биде од корист и за нив и за компанијата.
Проректорот за финансии, инвестиции и развој при УКИМ, Биљана Ангелова истакна дека развојот на практикантството ќе им овозможи на студентите подобро да се вклопат на пазарот на трудот и полесно да создаваат визија за својот кариерен развој.
Деканот на Фармацевтскиот факултет, Светлана Кулеванова рече дека доменот на практична обука ќе им овозможи на студентите да стекнат дополнителни знаења, вештини и искуство. - Целта е да ги задржиме младите тука и своите знаења да ги искористат за добробит на компанијата и општеството, додаде Кулеванова.
Деканот на Природно-математичкиот факултет, Ицко Ѓоргоски истакна дека студентите изведувајќи ја оваа практикантска работа ќе им пренесат што е она што треба да го променат во студентските курикулуми за да ги направат да бидат конкурентни. Потенцира дека соработката со Алкалоид ќе биде подигната на повисоко ниво и во малку повисоки научни аспекти.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мукаетов рече дека првиот турнус од програмата за практиканство почнува од 1 јуни, ќе бидат опфатени 10 до 15 студенти и ќе трае три месеци.
- Дел од студентите ќе работат во истражување и развој, а дел во сегментот што е регулатори, кој поврзан со подготвување документација за регистрација на нашите лекови на пазарите каде сме присутни, додаде Мукаетов.
На студентите кои ќе ги исполнат условите за влез во програмата за практиканство од страна на компанијата ќе им биде доделен обучен ментор, а од страна на матичната образовна установа ќе им биде зададен практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од три месеци. По завршувањето на практикантската задача, студентите ќе треба да ги презентираат добиените резултати кои ќе бидат евалуирани од страна на стручните ментори од компанијата и претставниците од респективната образовна установа, посочуваат од „Алкалоид АД Скопје“.
Ново на Сител
-
Централен настан на ОБСЕ - „Насилство врз младите жени и девојки: сексуално вознемирување, демнење и контролирачко однесување“
-
Премиерот Мицкоски на отворање нова училишна сала во ООУ „Наум Охридски“ во Булачани
-
На КОП29 во Азербејџан постигнат договор за обезбедување 300 милијарди долари годишно за посиромашните земји за справување со климатските промени
-
Украинска армија: Уништени повеќе од десет руски дронови кои во текот на ноќта го нападнаа Киев
-
Претседателски избори во Романија
-
Ведро и многу студено
-
Мареј нов тренер на Ѓоковиќ
-
Ердоган ги поздрави налозите за апсење на Меѓународниот кривичен суд против Нетанјаху и Галант