Македонија
3. November 2015 - 21:37

Потпишан Меморандум за соработка меѓу општините Ресен, Бар и Елбасан

Градоначалниците на Ресен и Бар, Ѓоко Стрезовски и Зоран Срзентиќ, и заменик-градоначалникот на Елбасан Клевис Џоџи, вечерва во Ресен потпишаа Меморандум за соработка.

Македонскиот, црногорскиот и албанскиот град ќе соработуваат на полето на културно-историското наследство, но и економијата, трговијата и заштитата на животната средина.

Ресенскиот градоначалник Стрезовски истакна дека Меморандумот овозможува идна културно историска и духовна врска и соработка втемелена на патеките на светиот Владимир – проект кој се остварува по долгогодишно истражување. 

- Со овој проект се спојуваат духовното и културно-историското наследство на Македонците, Црногорците и Албанците, се поврзува историјата за светиот Владимир и неговата сопруга Косара, ќерка на Цар Самоил. Со овој проект се создава солидна основа и потенцијал за повеќестрана соработка меѓу трите општини и на полето на стопанството, економијата, трговијата, спортот и други дејности, меѓу кои и заштитата на животната средина како врвен приоритет, истакна градоначалникот на општина Ресен.

Црногорската општина Бар на општините Ресен и Елбасан ќе им пренесе искуства од реализираните проекти поддржани од Европската Унија, а со потпишаниот меморандум ќе се овозможи и заедничко аплицирање, истакна Зоран Срзентиќ, градоначалник на општина Бар.

- Соработката на економски план овозможува многу проекти, а со посебна посветеност ќе работиме и на проектите кои ги поддржува Европската Унија. Ќе направиме се оваа соработка да биде плодоносна и да донесе резултати според кои ќе го мериме значењето на овој меморандум, порача градоначалникот Срзентиќ.

Големи очекувања од потпишаниот меморандум за соработка меѓу општините од трите држави имаат и во Елбасан. 

- Меморандумот е почеток за една поширока соработка меѓу трите општини која ќе овозможи напредок и во туристичкиот, економскиот и друг напредок во општеството. Верувам дека наскоро ќе официјализираме и друга соработка, истакна Клевис Џоџи, заменик-градоначалник на Елбасан.

Иницијативата за потпишување на меморандум за соработка потекна од Матицата на Црногорците во Македонија, чиј член, истражувачот Мирољуб Орландиќ, по 10-годишно истражување ја пронашол заедничката врска меѓу општините Ресен, Бар и Елбасан.

- Ја изработивме патеката по која кнезот Владимир, како заробеник на царот Самоил, поминал од Црна Гора преку Албанија до Македонија, потоа неговото враќање во ковчег со отсечена глава од Преспа преку Елбасан до Црна Гора, и третиот сегмент од оваа историски потврдена приказна, односно периодот во 1240 година кога е ископан неговиот гроб и е однесен во Албанија каде ден-денес се чуваат неговите мошти. Светиот Владимир бил сопруг на ќерката на Цар Самоил, Косара – вистинита љубовна приказна, факт запишан во 1190 година во летописи од кои бил инспириран Шекспир да ја создаде приказната за Ромео и Јулија. Преку овој туристички проект во иднина ќе се учи за нашето културно историско наследство, нагласи Орландиќ на вечерашната презентација во Ресен.