Македонија
25. May 2017 - 20:18

Потоп во Струмица, поради силното невреме дваесетина граѓани побарале помош

Најмалку 20 граѓани се јавиле на дежурниот број за помош по невремето кое попладнево ја зафати Струмица при што поплавени беа улиците од ниските делови на градот.

Од Центарот за управување со кризи велат дека чекаат точен податок за количините дожд кои попладнево околу 16:30 минути ја зафати Струмица. Досега до нив нема стигнато повизи за штети.

Од Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ велат дека веќе се излезени на терен и работат на отстранување на последиците од силниот дожд.

Според Стојан Ефтимов, раководител на работната единица „Водовод и канализација“, во моментов две цистерни работат на улицата „Младинска“ и една машина работи на ослободување на застојот на водата од разновидните наноси во долниот дел на поројот „Крушевска Република“ овозможувајќи таа да истекува понатаму. Ефтимов додаде дека работат и на други локации по повиците од граѓаните. Во оваа попладневна акција вклучена е и Територијалната противпожарна единица која веќе работи на одредени локации во градот.

Општина Струмица ги извести граѓаните и правните лица кои имаат проблеми од невремето што ја зафати попладнево Општината и имаат потреба од помош, да се јават на следните телефонски броеви: 034 325 909 на ЈПКД „Комуналец“ и на 076 48 48 48 на „Систем 48“.