Поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Михаил Кавелашвили избран за претседател на Грузија
Поранешниот фудбалер Михаил Кавелашвили денеска е избран за нов претседател на Грузија.
Кавелашвили лесно ги доби гласовите бидејќи владејачката партија Грузиски сон го контролира 300-члениот изборен колеџ што ги замени директните претседателски избори во 2017 година.
Кавелашвили беше напаѓач на Манчестер Сити и неколку клубови од швајцарската Суперлига.
Тој беше избран за пратеник во парламентот во 2016 година на листата на Грузискиот сон, а во 2022 година беше ко-основач на политичкото движење „Моќта на народот“, кое е во сојуз со Грузискиот сон и стана познато по силната антизападна реторика.
Грузиски сон ја задржа контролата врз парламентот по изборите на 26 октомври за кои опозицијата тврди дека биле наместени со помош на Москва.
Грузиската претседателка во заминување Саломе Зурабишвили и главните прозападни партии оттогаш го бојкотираа парламентот и побараа повторување на гласањето.
Грузиски сон вети дека ќе продолжи да се залага за членство во ЕУ, но исто така сака да ги „ресетира“ врските со Русија.
Критичарите го обвинуваат Грузиски сон, основан од Биџина Иванишвили, милијардер кој се збогатил во Русија, дека станува се поавторитарен, обвинение кое владејачката партија го негира.
Саломе Зурабишвили е претседателка од 2018 година и вети дека ќе остане на функцијата и по истекот на нејзиниот шестгодишен мандат во понеделник, опишувајќи се себеси како единствениот легитимен лидер до одржувањето на новите избори.
ЕУ, која ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година, под услов земјата да ги исполни критериумите, го стави во мирување нејзиното пристапување и ја прекина финансиската поддршка во јуни по усвојувањето на законот за „странско влијание“.
Илјадници демонстранти се собираат секоја вечер пред зградата на парламентот, откако владата најави прекин на преговорите за пристапување во ЕУ на 28 ноември.
Ново на Сител
-
Каква економија не очекува
-
Штипска Физикална се модернизира за да одговори на потребите на пациентите
-
На Водно се засекуваат бадникарските дрвца
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со Весна Јаневска, министерка за образование и наука
-
Слаб интерес за селекција на отпадот во Струмица
-
Гласен текстилец - и годинава ќе има злоупотреби при исплатата на К-15
-
Скопјани добија вода, дефектот е саниран