Македонија
22. December 2024 - 16:45

Штипска Физикална се модернизира за да одговори на потребите на пациентите

Ова е секојдневната слика во физикална терапија при штипска Клиничка болница. Со набавката на два нови мултифункционални апарати, од одделението велат дека гужвите ќе бидат минато, а многу поголем број пациенти ќе можат дневно да добијат здравствена услуга.

-Најмодерни апарати со кои го интегриравме кабинскиот ситем на работа кај нас, со кој, секој пациент ќе биде услужен на едно место. Со самото тоа ќе се намалат гужвите и чекањата во Физикална терапија. Со интегрирањето на новиот систем се надеваме дека ќе можеме да услужиме повеќе пациенти и да имаме поквалитетна здравствена услуга, изјави Никола Костадинов, физијатар, КП-Штип

На штипска физикална има најголем број на пациенти во источниот регион, со долга редица на чекање. Затоа, освен новите апарати, ќе се инвестира и во инфраструктурата на одделението.

-Имаме најава за целосна реконструкција на хидротерапевтскиот дел со воведување на нови кади и туш кабини. Исто така, очекуваме во наредната година да започнеме со модернизирање на болничките соби. Во претходниот период добивме нов лифт со кој целосно го ставивме во функција одделението за неподвижни пациенти, додава Костадинов.

На одделението за физикална терапија во моментот има околу 30 вработени, кои не се доволни да одговорат на потребите на се поголемиот број пациенти, поради што од Министерството за здравство постојано бараат да им се одобрат вработувања на физиотерапевти.