Гласен текстилец - и годинава ќе има злоупотреби при исплатата на К-15
Работодавачите повторно наоѓаат начини да го заобиколат Законот и да исплатат минимална сума по основ на регрес за годишен одмор, алармираат од Гласен текстилец. Работниците треба да внимааваат и да не потпишуваат бланко документи, бидејќи на тој начин дозволуваат да им се исплати понизок износ за К-15 од законски утврдениот.
-И оваа година ќе гледаме злоупотреби од 2000, 1000 денари, 100 денари некаде, верувајтеми, дури и во фирми каде ССМ има свои синдикати ќе гледаме исплати и по 500 денари за К-15, изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец- Штип.
За да се избегнат манипулациите, во Законот за работни односи, освен што стои 40% од просечната плата за регрес на годишен одмор, треба да биде наведена и минималната сума под која не смее да се исплаќа К-15. Од друга страна, казнената политика мора да биде поригорозна.
-Можам да кажам дека казните се смешни. Дополнително се дава опомена, па се дава решение, па наредба и вие ќе изгубите некој период до март-април месец, за подоцна да ви биде понудена некоја спогодба со која ќе се исплати некоја помала сума од бараната, додаде Ампева.
За да се утврди фактичката финансиска состојба на фирмите, мора УЈП соодветно да реагира и да провери зошто некој работодавач исплатил пониска сума од 16.800 денари и за каква загуба се работи.
-Дали се работи дека некој газда си купил ново порше, нова вила, нов стан или слично. Да го провериме тој момент. Вообичаено тие сега пријавуваат загуба со тоа што ќе го обноват нивниот личен возен парк, а не возниот парк за фирмата, додаде Ампева.
Индикативно е и тоа, додава Ампева, дека се работи за регрес за годишен одмор, а работодавачите го чекаат последниот рок и исплаќаат пред крајот на годината, кога воошто и не е време на одмори. Во јавниот сектор ќе се исплаќа К-15 во висина од 11.000 денари.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар