Македонија
25. September 2024 - 16:37

Поднесено обвинение против Бесија Иљази - Исплаќала плата на лица кои не биле работно ангажирани на Токсикологија

Поранешната директорка на Токсикологија Бесија Иљази кривично ќе одговара. Обвинителството ја товари за злоупотреба на службената положба. Им испплаќала пари на лица кои не биле работно ангажирани на Клиниката и го оштетила буџетот на установата за околу 10.000 евра. Станува збор за 17 –те договорци на кои не законски им исплатила дури и ретограден месечен надоместок иако немале валиден договор.

- Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659.781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист, сооштија од обвинителството.

За овој случај алармираше ДКСК од каде најавија дека ќе го следат развојот и како ќе резултира.

Бесија Илјази беше назначена за организациска директорка на Токсикологија од Илир Демири и тоа ден откако тој почна да раководи со министерството за здравство во техничката Влада во февруари. Нејзиното неколку месечно раководење со Клиниката беше пропратено со низа скандали. Од најголемиот дел од вработените и од стручниот и лекарски колегиум беше обвинувана за самоволие и лошо менаџирање со установата. На единствената прес конференција се обрати само на албански јазик и побара македонските медиуми да си обезбеат преведувач.

Таа беше разрешена од функцијата со доаѓањето на новата власт на крајот на јуни кога беа укинати и останатите економски менаџери на јавните здравствени установи, кои добиваа по околу 1500 евра месечна плата, а во здравството постојано се трупаа долгови.