Поддршка за проекти на 47 компании со првата транша од 10,4 милиони евра од унгарскиот заем
Стартуваше поддршката за стопанството преку кредитната линија за инвестиции и развој од средствата од заемот од Унгарија, откако Развојата банка вчера ја исплати првата транша во износ од 10,4 милиони евра, кон комерцијалните банки за поддршка на проекти на 47 компании. Претходно, Министерството за финансии од централниот буџет ја префрли првата транша до Развојната банка, по доставеното барање за повлекување на средствата на кое му претходеше одобрување на проектите со кои аплицираа компаниите од страна на деловните банки.
- Со овие средства се поддржани три микро, 25 мали, 11 средни и осум големи компании во државата. Најголем дел од финансиите со оваа транша се за поддршка на компании од областа на на производството со износ од три милиони евра, информираше вчера Управниот одбор на Развојната банка.
Оттаму велат дека првата транша е обработена и исплатена во најбрзо време, со оглед на тоа што рамковните договори со банките се потпишуваа по 31 јануари годинава. Истакуваат дека интензивно работат на повлекување на втората транша, согласно барања за повлекување средства од страна на банките, за одобрени проекти наменети за инвестиции и развој на компаниите.
Во Буџетот за годинава се планирани 250 милиони евра средства за поддршка на домашните компании со кои, според власта, ќе се поттикне реализација на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, којшто ќе влијае на поттикнување на економската активност.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска смета дека кредитната линија ќе биде силен поттик на домашната економија и поддршка особено имајќи ги предвид понеповолните услови во глобални рамки. Очекува компаниите да ги препознаат, како што вели, поволните услови кои ги обезбедиле со оваа кредитна линија и планираните средства да се искористат во целост.
Прес-конференција на министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска.
Како што информираше вчера Димитриеска-Кочоска, има поголем интерес од очекуваниот за средства од кредитната линија во износ од 250 милиони евра од унгарскиот заем наменети за компаниите.
-Добивме информации од сите банки дека побарувачката е многу поголема отколку тоа што го нудиме. Интересот е многу поголем отколку овие 250 милиони евра коишто ги имаме на располагање и ми е многу драго затоа што на почетокот кога тргнувавме во разговори со коморите, имаше одредени изразени сомнежи дали ќе има од македонските компании доволен интерес и дали ќе имаат желба за инвестиции, рече Димитриеска Кочоска во одговор на новинарско прашање по потпишувањето Меморандум за соработка со Економскиот факултет во Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека бизнис-заедницата покажала интерес за повеќе од 250 милиони евра од унгарскиот кредит и оти големиот интерес го инспирирал да бара уште такви пари.
- За жал, интересот до овој момент е 380 милиони евра. Значи, бизнисот ни е гладен. Имало проекти, не било дека нема проекти, туку можеби требало евтини пари за да може тие проекти да се реализираат. За нас, ова претставува дополнителна инспирација, мотив да најдеме повторно евтини пари. Кога разговаравме со стопанските комори, поставивме цел од 5.000 нови работни места, но моите информации велат дека таа бројка е удвоена со овие проекти, кои сега бараат финансирање од оваа унгарска линија, и тоа се 380 милиони евра. Очекувам таа бројка да дојде и до половина милијарда, што за мене претставува повторно предизвик, инспирација да побарам нови вакви средства за бизнисот затоа што очигледно дека бизнисот е гладен, сака развој, рече завчера премиерот Мицкоски, во одговор на новинарско прашање.
Во однос на потенцијалното ново задолжување, министерката за финасии, пак, посочува дека прво треба да се искористат 250-те милиони кои сега се на располагање, а потоа да се одлучи што ќе се прави понатаму.
- Јас сега би се фокусирала на овие 250 милиони евра и би застанала тука. Да ги искористиме средствата, а понатаму ќе видиме во втората фаза за одобрување на дополнителни средства и можноста од каде ќе ги изнајдеме дополнителните средства доколку се договоривме за таква втора фаза, изјави Димитриеска Кочоска.
Каматната стапка за кредитете за компаниите е 1,95 процент, а рокот на отплата до 15 години. Може да се аплицира најмногу за 10 милиони евра. Согласно условите што ги одреди Владата, право на пристап до овие средства имаат сите компании со исклучок на оние што се занимаваат со производство на алкохолни пијалоци, производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија.
Договорот за унгарскиот кредит во износ од 500 милиони евра беше потпишан во октомври лани. Со него, покрај 250-те милиони евра за стопанството, 250 милиони евра се наменети и за поддршка на инфраструктурни проекти на општините. Дополнително, државава од Унгарија обезбеди заем од 500 милиони евра кои беа искористени за плаќање на евробврзницата од 2018 година. Каматата за тој кредит е 3,25 проценти, а рок на отплата исто така 15 години, со вклучен грејс период од три години.
Ново на Сител
-
Во Албанија се очекува дијаспората да има влијание на изборите на 11 мај, за гласање регистрирани 246 илјади албански граѓани во странство
-
Мицкоски: „Никогаш повеќе“ не е само фраза, тоа е залог
-
Се запалил автомобил на Бит Пазар, нема повредени
-
20-годишен скопјанец нападнат по недоразбирање во сообраќајот
-
Делови од Центар и Гази Баба утре без вода
-
Кикбоксерите пример за промоција на крводарувањето во Македонија
-
Успешна кикбокс завршница на ВАКО светскиот кикбокс куп “Италија 2025”
-
Јанкуловски: Холокаустот е потсетник за страшните последици од нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата