Почна сезоната на зимници, домашната пиперка - ајварка барана и кај нас и во Европа
Општина Кривогаштани по втор го одржа Фестивалот на пиперката чија што цел е промоција на т.н. „црвено злато“ или најпознатата пиперка ајварка во Македонија која од година во година се повеќе се бара кај нас и во странство. Радува особено фактот што пред се младите ја продолжуваат традицијата на овој познат кривогаштански бренд кој годинава има одличен квалитет и повисока цена од лани.
„Јас би работела поради тоа што убаво е да се следи фамилијарната традиција. Работиме и со други држави, важно е и други да го вкусат оригиналниот вкус на ајвар бидејќи работиме по традиционален рецепт“, Јана Пирганоска, земјоделец од Општина Кривогаштани.
„Цената е исто повисока за разлика од лани, може да се пофалиме со успех, пак можам, да кажам дека овој Фестивал има успех, бидејќи се пробивме и на Балканот“, кажа Стефан Благадушоски, земјоделец од Општина Кривогаштани.
„Квалиетот е добар за разлика од лани има далеку подобар квалитет“, рече Елена Велеска, земјоделец од Општина Кривогаштани.
Земјоделците велат дека оваа пиперка се повеќе се извезува. Побарувачката во моментов била дури и помала од што има производство.
„Исто така вршиме и извоз во Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и некои централно европски држави, има доста работа искрено“, додаде друг земјоделец од Општина Кривогаштани.
За поголемо производство се најавуваат и нови методи на садење.
„Расадот производство и пренесување на расадот на нивите би можело да се замени со еден новитет кој го има во соседна Србија, а тоа е засејување на површините директно од семка. Каде што и приносите се многу поголеми“, изјави Горан Цуцулески, компанија за производство на ајвар и производи од пиперки.
На Фестивалот беше и еден млад земјоделец кој произведува џиновски црни домати.
„Има и уште поголеми, само се уште се зелени, земјата му е погодена, се му е добро и си растат со оваа големина“, кажа Васко Неделкоски, земјоделец од Општина Кривогаштани.
Од Општината најавуваат дека овој фестивал од в година ќе трае 2 до 3 дена.
„Пиперката има иднина затоа што нашата пиперка е со посебен квалитет, тоа е старо семе кое што го има во нашата општина и така што има иднина оваа култура“, истакна Николче Мискоски, градоначалник на Кривогаштани.
„Идејата на фестивалот е да се промовира потенцијалот на Општина Кривогаштани, индивидуалните земјоделци, агро секторот, локалната заедница, заедништвото, сплотеноста и колку жителите на една мала Општина сакаат да дадат се од себе за да бидат препознаени и да го промовираат она што го имаат“, потенцираше Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
За сите присутни имаше и богата култрно - уметничка и забавна програма.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар