Loading Video...
Македонија
28. јуни 2024 - 16:37

По Главчев и Мицотакис се жалел во Брисел дека Македонија не ги исполнува обврските

По Софија, и официјална Атина го реотвори прашањето за Македонија во Брисел. Грчкиот премиер Мицотакис вчера на состанокот на Европскиот совет ја критикувал Македонија за непочитување на преземените европски обврски и договорот од Преспа откако претседателката Силјановска не го искористи уставното име во заклетвата, а премиерот Мицкоски најави дека во изјави ке користи само Македонија .

„ Ги информирав моите колега во Европскиот совет за случувањата во Северна Македонија, за фактот што и претседателката и мандатарот за премиер всушност директно го прекршуваат Договорот од Преспа, игнорирајќи го во пракса ерга омнес и избирајќи да користат друго име, а не уставно дефинираното име на земјата, за внатрешна употреба, што е целосно спротивно на духот на Договорот од Преспа....Апсолутно јасно ставив до знаење дека доколку Скопје инсистира на оваа линија, тоа, во суштина ќе го направи исклучително тежок, ако не и во пракса да го поништи, секој процес на брза конвергенција со европското семејство.

Од македонската Влада веднаш реагираа и ги отфрлија наводите на Мицотакис.

„Во целост ги отфрламе наводите за наводно кршење на Договорот од Преспа од страна на клучните политички личности во државата, и превземените обврски согласно Уставот. Истакнуваме дека државата продолжува да ги почитува превземените обврски од Договорот од Преспа во сите негови аспекти, вклучувајќи го тука и употребата на името "Македонија", како и името "Северна Македонија" во соодветни формати и прилики утврдени со Договорот и Уставот на државата.“, велат од Владата.

Од таму додаваат дека преземените обврски се двонасочна улица, па во предвиде треба да земат и обврските кои ги има соседна Грција, а што не се исполнети.

„Ние сме уверени дека нашиот напредок и придонес кон регионалната стабилност и безбедност, како и нашата посветеност на реформите, ќе бидат правилно оценети и вреднувани од страна на Европската унија“, коментираат од македонската влада.

Опозициската Сириза пак, обвини за иредентизам за вчерашната средба на Силјановска со Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија  - Македон.

 „СИРИЗА недвосмислено ги осудува иредентистичките ставови на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска, за наводна „Егејска Македонија“, со кои грубо се крши членот 4 од Договорот од Преспа.“, соопштија од грчката опозциска парија.

Од таму очекуваат владата на Мицотакис, како што шпишуваат, да го интернационализира проблемот и да побара дури и санкции за Македонија.

Грчките реакции не се осамени во Брисел. Привремениот бугарски премиер Главчев вчера најави дека од Европскиот совет ќе побара да ја повика државата да ги исполни своите обврски од преговарачката рамка во делот на уставните измени. Бугарската реакција е поради ставот на Мицкоски дека неприфаќа бугарски дикатити и понуди нови разговори со Софија на принципиелни основи.