Живот
31. May 2017 - 21:48

По девет спонтани абортуси и неуспешно инвитро, стана мајка на близначки со помош на нејзината сестра

Жена, која не можела да има свои деца, стана мајка на близначки откако сестра ѝ одлучи да ѝ биде сурогат-мајка.

Мелиса Кајсер отсекогаш сонувала да има свои деца, но нејзината тажна приказна започнала откако стапила во брак со сопругот Курт. 33-годишната Американка поминала низ девет спонтани абортуси и неуспешна постапка за инвитро, пред докторите да ѝ соопштат дека најдобро е друга жена да го износи нејзиното бебе.

„Бев скршена. Не знаев дали емоционално ќе можам да поднесам друга жена да биде способна да го износи моето дете“ – вели Мелиса, чиј свет се променил кога нејзината сестра Лиса се понудила да биде сурогат-мајка.

Иако сè започнало како шега, а подоцна таа шега станала реалност. За својата одлука, Лиса рекла:

„Ја гледав како минува од една загуба во друга. Ќе ми испратеше порака со текст: Уште еден спонтан абортус. Ужасно ми беше кога ја слушав како зборува за тоа, бидејќи таа сакаше да стане мајка откога знам за неа.“

„Ѝ реков дека може да ја искористи мојата матка! Се смеевме и се шегувавме за тоа. Но, потоа се сетив: Чекај, па ти всушност можеш да ја искористиш мојата матка.“

„Никој не знаеше дали ќе можам да носам дете, но ако можев, сакав да им помогнам на секаков начин. Разговаравме и за непозната жена да ѝ биде сурогат, но се разбира, мене најмногу ми веруваше, а јас сакав да го направам ова за неа.“

Во август минатата година, кај Лиса биле трансферирани два ембриони, бидејќи едниот бил со низок квалитет. Но, двата ембриони успешно се имлантирале и таа забременила со близнаци.

„Беше вистински шок. Но, од тој момент натаму, Мелиса беше до мене постојано. Таа ми беше најголема поддршка. Јас живеам сама, но таа секогаш доаѓаше за да ме одведе на прегледите“ – вели Лиса.

Лиса се породи со царски рез на 26 март и роди две здрави девојчиња – Ешлин и Тирни.

„Можев да им ги видам силните емоции на лицата на Мелиса и Курт кога ги видоа бебињата на болница. Беше прекрасно“ – рекла Лиса за своето породување.

Мелиса, која ја нарекува сестра си „прекрасна душа“, вели дека е бескрајно благодарна и дека никогаш нема да може да ѝ се оддолжи на сестра си.

„Бескрајно сум благодарна за она што го направи Лиса. Се откажа од една година од нејзиниот живот за да ни помогне да станеме семејство, а тоа е нешто за што никогаш нема да можам да ѝ се оддолжам. Имаме две прекрасни мали девојчиња, и сè е благодарение на мојата неверојатна сестра.“

„Мислам дека никогаш нема да можам да најдам зборови за да опишам колку ми значеше што ја имав мојата сестра како мој сурогат. Го направи ова патување возбудливо, прекрасно и многу забавно“ – рекла Мелиса, која создава книга за своите ќерки, во која го претставува нивното уникатно доаѓање на овој свет.

„Сакам нашите девојчиња да знаат дека нивната тетка направи толку неверојатно нешто за нас. Сакаме да знаат дека мешето на мама беше расипано и дека тетка Лиса го искористи нејзиното меше за да ги износи“ – додава таа.