Македонија
12. December 2015 - 14:50

Пешачко-велосипедска патека во Дојран во финална фаза

Пешачко-велосипедската патека што ги поврзува Стар и Нов Дојран треба да биде готова до крајот на овој месец.

Патеката е долга три километри и претставува продолжение на веќе изградената рекреативна патека која се протега долж Езерото, од центарот на Стар Дојран до границата со Грција.

- За наредната летна туристичка сезона патеката ќе претставува нова туристичка атракција или нов простор за спорт, рекреација и уживање на дојранското крајбрежје. Со неа остваруваме симболично поврзување на Стар и Нов Дојран, што беше дамнешна желба на дојранчани, а веруваме дека ќе биде посетена, атрактивна и користена од страна на туристите и жителите, рече градоначалникот на Дојран Борче Стамов.

Тој изрази надеж дека патеката ќе даде придонес и во урбанистичкиот развој токму на тој регион во кој се очекува да се градат нови викендици и хотелски комплекси.

Изградбата чини околу 30 милиони денари кои се обезбедени од Министерството за транспорт и врски.