Свет
24. July 2019 - 8:35

Парламентот на Венецуела се врати кон договорот што овозможува странска интервенција во земјата

Народното собрание на Венецуела, што се наоѓа под контрола на опозицијата, синоќа го одобри враќањето на земјата во Меѓуамериканскиот договор за взаемна помош (ТИАР) што ќе овозможи легална евентуална странска воена интервенција во оваа земја зафатена со сериозна политичка и егзистенцијална криза.

-Текстот на договорот едноглансо е одобрен и потпишан, рече претседателот на парламентот Хуан Гуаидо, по гласањето во Каракас, точно шест месеци откако се прогласи за привремен претседател на земјата.

Со ова Венецуела се враќа во ТИАР (познат и како Договорот од Рио), седум години откако излезе од него, со одлука на тогашниот претседател Уго Чавез.

Клучната одредба на ТИАР, што го ратификуваа повеќето американски земји уште на почетокот на Студената војна, е во членот што вели дека нападот на една држава се смета за напад врз сите.

Гуаидо, кого за привремен претседател на Венецуела веќе го признаа педесетина земји, не ја исклучува можноста од странска воена интервенција за актуечниот претседател на земјата Николас Мадуро да може да се собори од власта. Опозицискиот лидер го нарекува социјалистичкиот претседател за „узурпатор“, бидејќи изборите на кои лани победи, според него, беа „нечесни“.

ТИАР од кој истапија и Боливија, Еквадор и Никарагва, се смета за средство за ширење на американското влијание во Латинска Америка.