Балкан
9. October 2019 - 11:36

Палмер заедно со Гренел денеска во Приштина

Високите претставници на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан и за дијалогот меѓу Косово и Србија, заменик-помошникот државен секретар Метју Палмер и американскиот амбасадор во Германија Ричард Гренел, денеска се очекува да допатуваат во официјална посета на Приштина.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, веста дека заедно со Гренел, чија посета беше претходно најавена, во Косово ќе допатува и Палмер, преку својот твитер ја објави американскиот амбасадор во земјата Филип Коснет.

–Поддршката на САД за Косово и Србија во процесот на преговорите бара тимска работа: специјалниот пратеник на претседателот, Гренел и специјалниот пратеник на Стејт Департментот Метју Палмер заедно во Берлин. Обајцата ќе го посетат Косово, напиша Коснет, пренесувајќи ја објавата на американската амбасада во Геранија, на која се гледаат двајцата американски претставници заедно во Берлин.

Деновиве американскиот претседател Доналд Трамп го именува Гренел за свој пратеник во мировните преговори меѓу Приштина и Белград.

Претходно, на крајот од август годинава, американскиот државен секретар Мајк Помпео го именува Палмер за специјален пратеник за Западен Балкан.

Посетата на двајцата американски претставници на Приштина, од каде утре ќе отпатуваат за Белград, се случува непосредно по вонредните парламентарни избори во Косово, на кои победија досега опозициските партии, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).

Пред да биде објавено дека и Палмер ќе допатува во Приштина, беше соопштено дека Гренел ќе се сретне со косовскиот претседател Хашим Тачи, а беше најавена и средба со лидерот на ВВ Албин Курти, кој се очекува да биде мандатар за состав на идната влада на Косово.