Бизнис
11. јуни 2018 - 19:45

Падна цената на доматите - земјоделците незадоволни

Цените на доматите во струмичко паднаа под границата на економската исплатливост, реагираат производителите. Веќе неколку дена тие се откупуваат за цена од 10 до 15 денари за килограм што според производителите е многу ефтино и нереално за овој период од годината, посебно ако се земе во предвид дека бербата на производството под пластеници само што започнала. Велат слична била состојбата и со останатите градинарски производи.

,, Сите цени се ниски, под цената на производството. Ние во еден период временски имавме колку толку нормални цени, сега цените се седум денари краставица, да ти е срам да кажеш и да не зборам за другите артикли. Значи домата имаме некаде околу 4500 хектари засадено во Струмица,  квалитетна домата која може да ги исполни сите стандарди за извоз, меѓутоа сега за сега и магацините се затворени, нема ни откуп. Таму каде што има цената е 15 денари под услов да си ја купиш и гајбата, ќе ти одбијат и кало и ќе ти дојде под десет денари.,, вели ВАНЧО МИТЕВ – ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАДИНАРИ ,, ЕКО ГРАДИНАР,,

Засега немаат одговор која е причината за наглиот пад на цените . Тие  само до пред неколку дена изнесуваа од 20 до 25 денари за килограм, цена која според Ванчо Митев од  здружените Еко градинар е задоволителна за производителите.

,, Ланскиот период тоа време и сега кога беше на 25 денари ние мирувавме, значи не баравме повеќе. Цената сама ќе си одеше нагоре бидејќи и во регионот нема многу домати, меѓутоа што се случи, тоа е чудо, јас не паметам таква година.,, вели МИТЕВ

Земјоделците велат покрај климатските промени кои им создаваат сериозни проблеми во производството сега се соочуваат и со ниските откупни цени. Бараат интервенција и поддршка од државата со цел стабилизација на пазарот и надминување на ваквата состојбата поради која раноградинарите веќе трпеле сериозни загуби