Пациентките приморани да чекаат со недели за мамограф и ехо преглед
Националното координативно тело за борба и скрининг против карцином на дојка, последните две години направи промена во начинот на закажување на прегледи на пациентките. Меѓутоа, наместо ситуацијата да се подобри и да ја олеснат работата на матичните лекари и на пациентките, напротив, се создаде поголема конфузија и долги листи на чекање.
-Во пракса се покажа доста не апликабилна, се создаваат редици. Пациентките се најавуваат и чекаат да го добијат својот термин за ЕХО или за мамографија. Меѓутоа, за жал за некои тоа може да биде и доцна, изјави Валентина Митрова, матичен лекар.
Скринингот и раното откривање на ракот на дојката, значи и брза реакција и спречување на развој на болеста, а со тоа и помали трошоци за лекување, но понекогаш за преглед се чека со недели.
-Оној стариот програм, преку електронскиот здравствен систем „Мој термин“, кој што го имаше и постоеше, беше многу поефикасен и побрзо пациентките стигнуваа до своите дијагностички постапки. Ние како Здружение на матични и лекарска фела реагиравме, но за жал, досега се уште нема никави промени. Оние кои имаат потреба се обраќаат кон приватните здравствени установи, а не секој има материјална можност овие прегледи да ги направи на приватно, додаде Митрова.
Лекарите препорачуваат секоја жена да го направи првиот скрининг на градите на возраст помеѓу 38 и 40 години. За пациентки кои имаат блиски роднини со рак на дојка, пожелно е да се прават редовни мамографски прегледи еднаш годишно и да ги започнат многу порано.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар