Македонија
15. September 2019 - 16:37

Отворено јубилејното 40. издание на ,,Браќа Манаки‘‘

Со доделувањето на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман, американски кинематографер со две номинации за „Оскар“, „Бафта“ за животно дело, наречен „Волшебникот со камерата“, синоќа во Битола започна јубилејното 40-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

-Ова е ретка можност за мене, многу слушав за Фестивалот и со години сакав да дојдам овде. Да се биде во друштво на толку големи имиња кои биле лауреати, од кои дел биле мои ментори, рече Едвард Лакман, добитник на „Златна Камера 300“ за животно дело.

На композиторот Љупчо Константинов, кој досега има направено 35 авторски музики за филм, му беше врачена наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ која ја доделува ДРФМ.

-Многи ми значи, се изненадив пријатно, се разбира дека тоа е високо признание, рече Љупчо Константинов, добитник на „големата ѕвезда на македонскиот филм“.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот Стево Пендаровски, додека директорката на фестивалот истакна дека овој фестивал е нејзината љубов.

- Штом ќе доживее четириесет години, за еден фестивал не велиме дека е стар, туку дека пронашол трајно своето место во културата на една држава и на еден народ, истакна Стево Пендаровски, претседател на РСМ.

- За мене овој фестивал е мојата филмска школа. Јас од 1985 година сум дел од вас, од овој Фестивал. Навистина можам да кажам дека овој Фестивал е мојата голема љубов, рече Гена Теодосиевска, директор на фестивалот „Браќа Манаки“.

Фестивалот беше отворен со проекцијата на филмот „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, а кинематограферот на филмот, Хозе Луис Алкаине , кој вторпат доаѓа во Битола, присуствуваше на свеченоста.

Пред свеченото отворање, бројните гости, филмаџии и вљубеници во филмот продефилираа по црвениот тепих пред Центарот за култура.