Македонија
20. February 2019 - 17:15

Отворена сензорна соба во Битола

40-тина деца со посебни потреби од деветте специјални паралелки во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, сега ќе можат да ги развиваат своите способности во сензорната соба која се отвори во ова училиште. Родителите велат дека сензорната соба позитивно ќе влијае врз развојот на нивните деца.

- Бенефитот е што треба да ги развие нивните способности, треба да ги смири ако има потреба, стручниот кадар ќе работи во согласност со нивните потреби, дијагнози, вели АНА КРСТЕСКА, РОДИТЕЛ.

Сензорната соба вреди над 30.000 евра и е донација од битолчанка која живее во Шведска, хуманитарката Мариа Росенгрен. Опремена e по европски стандарди, со шведски и германски искуства.

- Сензорната соба се користи во европа како соба каде што се работи со децата за да паметат, ако се послаби за некој предмет, математика, англиски доаѓаат во сензорните соби добиваат третмани и резултатот се има покажано за 80% подобар од претходно, вели МАРИА РОСЕНГРЕН, ДОНАТОР.

Се состои од светла и темна соба, кои различно ги стимулираат сетилата кај децата.

- Во светлата соба има апарати кои преку игра се стоимулираат, во темната соба за стимулирање на сетилото за слух, вид, се прават тестови во зависно од секое дете, по тој план, се работи индивидуално со секое дете. Детето чувствува мир, релаксација, го земаме од наставниците, го носиме тука и го враќаме со позитивна енергија, вели АЛЕКСАНДАРА БОЖИНОВСКА, ДЕФЕКТОЛОГ ВО ОУ „ЃОРЃИ СУГАРЕВ“ БИТОЛА.  

Во третманите, покрај децата од ова училиште, можат да бидат вклучени и сите други кои ќе имаат потреба.