Македонија
21. May 2022 - 8:39

Откако ЕК даде рок за старт на преговори, Скопје порачува решение ќе има само со заштитени национални интереси

 Откако Европската комисија во средата првпат даде рок за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија и преговорите со двете држави да почнат пред крајот на француското претседателство, на 30 јуни, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пред да замине од Софија порача дека за три недели повторно ќе се врати таму, за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со Северна Македонија. Власта, пак, смета дека иако земјава сака да ги почне преговорите со ЕУ, тоа да не биде по секоја цена и на штета на државните интереси при решавањето на спорот со Бугарија.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ синоќа истакна дека месецот јуни, како пресуден за добивање датум, е спомнат од ЕУ поради геополитичката ситуација со војната во Украина и дека Владата сака да ги почне преговорите со ЕУ, но не по секоја цена и на штета на државните интереси при решавањето на прашањето со Софија.

– ЕУ е таа, која притисната од геостратешката ситуација, почна прва да го комуницира јуни како датум и комесарот Вархеји и официјалните портпароли на ЕУ. Тоа значи дека има некое чувство на ургентност во ЕУ. Меѓутоа, ние немаме намера да направиме чекор кој ќе ги наруши нашите интереси, рече Маричиќ.

Како што потенцираше вицепремиерот, сакаме да почнеме преговори со фер договор, кој нема да задира во нашето достоинство и идентитет.

– Нашиот пат е јасен и секогаш бил јасен. Никогаш не сме отстапувале и никогаш не бил лесен, секогаш сме имале тешкотии и Северна Македонија е една од државите коишто имала најтежок пат до исполнување на своите стратешки интереси, кажа Маричиќ.

Тој потенцира дека како Влада вовеле нов пристап со Бугарија за да се дојде до одредена точка на решение.

– Ние направивме максимум во овој период и тоа беше наша должност да дадеме шанса на овие разговори. Ние не се откажуваме од тоа и ниту пак некогаш се врзувавме за јуни, како пресуден датум. И навистина интензивно работевме во изминатите 120 дена од кога е оваа Влада. Имаше повеќе средби со бугарската страна, сме разговарале за сите отворени прашања и има основа за фер решение, истакна Маричиќ, кој рече дека за четири месеци не може да се очекува радикален пресврт со односите со Бугарија.

Вицепремиерот за евроинтеграции потенцира дека во ситуација кога има војна во Украина, кога сите држави се определени за едно повисоко ниво на стратешко размислување, тоа треба да го стори и Бугарија.

Маричиќ потсети дека рамката за државите од Западен Балкан е членство во ЕУ. Таа, како што рече, е утврдена уште во 2003 година.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, по средбата со висока делегација на француското МНР, рече дека ги цени напорите кои Франција ги вложува во насока на одблокирање на евроинтегративниот процес преку одржување на првите меѓувладини седници со Северна Македонија и Албанија, уште за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.

-Почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е геостратешка инвестиција за стабилност и просперитет за земјите од Западниот Балкан, но и за Европа, особено во актуелниот геополитички контекст, напиша Османи.

Еврокомесарот Вархеји, по средбата во Бугарија со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, очекува Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје.

Вархеји по средбата со Петков на Твитер напиша дека наскоро ќе се врати во Софија за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со Северна Македонија.

Еврокомесарот Вархеји по средбата со Петков, на Твитер напиша дека наскоро ќе се врати во Софија за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со Северна Македонија.

– Интензивна средба со министерката Теодора Генчовска во Софија. Разговаравме за директните последици од војната во Украина за Западен Балкан и пошироко. Работиме на заемно прифатливо решение за да можеме да ги започнеме преговорите со РС Македонија и Албанија со одржување на меѓувладина конференција во јуни. Го ценам отворениот дијалог со бугарскиот претседател Румен Радев. Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно. За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички основа и поддршка од Бугарија, за да го започнеме преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни, пишува евокомесарот Вархеји.

По посетата на Вархеји на Софија, бугарскиот премиер Петков се огласи дека нема самостоен договор за тргање на ветото, туку евентуален договор треба да помине низ неколку филтри, прво во Министерството за надворешни работи кое треба да ја извести Владата, коалицискиот совет и Парламентот.

– Ако има договор со Северна Македонија, МНР треба да ја извести Владата, Коалицискиот совет и Парламентот да одлучи. Премиерот не може самостојно да носи одлуки, рече Кирил Петков за тоа дали презел чекори за давање „зелено светло“ за Северна Македонија.

Македонските власти, пак, остануваат посветени на процесот на евроинтеграција на земјава и во таа насока и на постигнување договор со Бугарија со цел да нема застој во почнувањето на преговорите за членство. Се надеваат дека и покрај одредени најави кои доаѓаат од ЕУ за формирање европска геополитичка заедница, процесот на проширување нема да биде засегнат од усогласувањето на ЕУ со новото геополитичко опкружување во Европа и моменталните односи по војната во Украина.

Во таа насока претставниците на ЕУ во земјава уверуваат дека пристапните процеси за државите од Западен Балкан остануваат главна движечка сила и оти нема промени за процесот на проширување. 

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир завчера изјави дека ЕУ сака почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што поскоро и ги поттикнува сите напори за остварување на оваа цел.

–  Апсолутно сме одлучни да продолжиме напред, знаеме дека е од стратешки интерес на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, овие држави да ѝ се приклучат на Унијата и ние очекуваме продолжување на процесот и да ја видиме Северна Македонија во ЕУ што поскоро, изјави Гир.

Прашан дали новиот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон е замена за евентуален неуспех на процесот на проширувањето, Гир рече дека ставот на Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се јасни.

–  Пристапните процеси за земјите од Западен Балкан остануваат главна движечка сила. Нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширување за Западен Балкан. Тоа е апсолутен приоритет и пат базиран на реформи. Затоа, не гледам дека ова ќе влијае на патот кон полноправно членство во ЕУ, изјави Гир.

Со слична пoрака излезе и германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн. Земјите од регионот, порача, припаѓаат на ЕУ. – Германскиот канцелар во владина декларација изјави дека земјите од регионот на Западен Балкан припаѓаат на ЕУ. Тоа е пораката што му е потребна на регионот. Тој, исто така, додава дека геополитичката ситуација е поитна од кога било и ова е стратешка цел и за Германија. Германската Влада останува посветена, изјави Холштајн.

Европратениците во четвртокот со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвоија Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на Европскиот парламент, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, усвојувајќи притоа и некои од контроверзните амандмани.  Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во извештајот се поздравува реформскиот напредок на земјата и се инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија. Но, во усвоената верзија се вклучени и некои од контроверзните амандмани, како оние за „историско помирување и заедничка историја“ со Бугарија и оценка дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021.

МНР го поздрави усвојувањето на Резолуцијата на ЕП за Северна Македонија, посочувајќи дека како и досега, европратениците упатиле јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и итно започнување на преговорите за членство на земјава во ЕУ.