Македонија
3. February 2023 - 11:38

Осум лица со цистична фиброза ќе го добијат лекот „трикафта“, ќе следат законски измени за да добијат и другите

Министерството за здравство, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување најавуваат дека ќе бидат во постојана меѓусебна и комуникација со производителот околу набавката на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза.

Министрите за здравство Беким Сали и за финансии Фатмир Бесими денеска одржаа состанок за обезбедувањето финансиски средства за набавка на лекот. Терапијата, како што информираа, е првично за осум пациенти во потешка состојба, а стремежите се набавка на лек за 30 пациенти во текот на оваа година.

Сали по средбата изјави оти се надева дека во најскоро време со сите потребни измени на Законот за јавни набавки и други закони поврзани со набавка на лекови, и со обезбедување финансиски средства, ќе се обезбеди терапија за овие пациенти.

„Се надевам дека во најскоро време со сите тие потребни измени на закон за јавни набавки и останатите закони поврзани со набавка на лекови и обезбедување на финансиските средстав ќе обезбедиме терапија за овие пациенти“, изјави министерот Сали.

Ќе иницира измени во текот на следната недела и се надева дека ќе бидат поддржани во Собранието.

„Во делот на цената сè уште нема конкретна финална цена. Имаме првични информации за цената на еден третман за еден пациент на годишно ниво, меѓутоа останува финалната цена да ја добиеме од производителот“, изјави Сали.

Министерот Бесими рече дека ќе се најде решение за да се набави овој лек директно од производителот бидејќи е скап.