Македонија
1. July 2021 - 17:04

Османи открива: Португалскиот предлог предвидува еднострани изјави за јазикот

Македонија треба да потпише еднострана изјава дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година. Министерот Османи денеска открива дека ова го предвидува решението на Португалија за надминување на спорот со Бугарија, ден по изјавата на португалската државна секретарка дека северномакедонскиот јазик потекнува од бугарскиот. Шефот на дипломатија вели дека во телефонски разговор со својот португалски колега добил уверување дека ова не е официјален став на Португалија.

Државните позиции ги потврди и министерот за правда. Маричиќ вели дека ова не значи дека македонскиот јазик постои од 45-та и дека македонската страна не преговара за јазикот и идентитетот.

Опозицијата пак обвинува дека е срамно што два дена МНР не реагира за негирањето на македонскиот јазик преку нота до Португалија. Бараат Владата да ги објави  белешките од разговорите и со Багарија и со Португалија.

На владата на Заев не може да ѝ се верува кога вели дека ги брани македонските национални интереси. Затоа, бараме: Прво – Веднаш и без одлагање МНР да ја објави јавно комуникацијата со португалските колеги за да докаже дека протестирала на сквернавењето на македонскиот јазик. Второ – Кабинетот на Зоран Заев да ги објави стенограмските белешки кои мора да ги имаат од средбата со бугарскиот претседател Румен Радев. Да видиме дали се преговарало за негирање на македонскиот јазик или се бранеле македонските интереси, вели Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во изјава за МИА и португалскиот министер за надворешни работи вели дека изјавата на неговата заменичка дека северномакедонскиот јазик потекнува од бугарскиот е грешка, потенцирајќи дека Закаријаш не е експерт по лингвистика.

Решението кое го понуди Португалија од денеска преминува во рацете на Словенија која го презема 6-месечното претседавање со Европската Унија. Самитот за Западен Балкан кој Словенија ќе го организира на 6 октомври Македонија и Албанија го гледаат како следна шанса за придвижување на европската интеграција.