Османи-Дендиас: Македонија и Грција се стратешки партнери
Грција може да биде најдобриот сојузник на Македонија, можеме да бидеме најдобриот пријател на Македонија, истакна денеска шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на прес-конференцијата во грчкото МНР со министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој е во официјална посета на Атина.
По средбата во грчкото Министерство, Османи и Дендиас потпишаа меморандуми за разбирање во областа на цивилната заштита, за дипломатската едукација и меморандум за разбирање меѓу „Invest Macedonia“ и „Enterprise Greece“, јави дописничката на МИА од Атина.
На заедничката прес-конференција, којашто поради мерките за заштита од Ковид-19 се одржа со ограничен број новинари, Османи и Дендиас истакнаа дека постои напредок во односите меѓу двете земји, а Македонија и Грција веќе се стратешки партнери.
Се осврнаа и на втората меѓувладина седница што треба да се одржи во следниот период, во зависност од текот на пандемијата.
Шефот на грчката дипломатија рече дека со потпишувањето на меморандумите односите меѓу двете земји направија чекор напред и се задржа на областите во кои има голем потенцијал за соработка како што се енергетиката, економијата, инвестициите.
Дендиас паралелно ја изрази поддршката на Грција за европската перспектива на нашата земја, како и на регионот и рече дека тоа е важно за стабилноста во регионот.
-Европската Унија има обврска да ја задржи на маса политиката на проширување, порача Дендиас и додаде дека не може да се дозволиме создавање „вакум на нестабилност во нашиот регионот, што може лесно да се пополни од други сили што не се ЕУ и поддржуваат екстримизам“.
Дендиас детално се задржа на потребата и неопходноста Македонија, целосно и доследно да го имплементира Договорот од Преспа, коментирајќи дека е потребен поголем напредок.
На средбата станало збор и за пандемијата, а Дендиас рече дека Грција вложува напори за обезбедување вакцини и за Македонија, а тој лично ќе продолжи со напорите и додаде дека и премиерот Мицотакис е многу активен во овој контекст.
-Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата истакна дека принципиелната поддршка на Грција, како непосреден сосед и воедно членка на ЕУ, е особено важна за почеток на преговорите со Македонија, без одложување.
-Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план, рече Османи.
Изрази задоволство од потпишувањето на трите важни меморандуми за соработка, од областа на бизнисот и економијата.
-Отсекогаш сум велел дека економијата и бизнисот треба да ги предводат нашите односи, наша обврска е преку овие меморандуми, преку политичката соработка, да ги создадеме сите услови за натамошно унапредување на трговската размена, размената во областа на туризмот, инвестициите, како најважна и сигурно нај-опиплива придобивка за граѓаните, рече Османи.
Посочи дека пред двете земји стојат сериозни инфраструктурни и енергетски проекти. -Преку изградбата на интерконекторот за пренос на гас, поврзување на земјите преку гасовод, возобновување на постојниот нафтовод, учество во изградбата на гасниот терминал Александрополис, железничкото поврзување, патното поврзување и секако отворањето на новите гранични премини Маркова Нога-Лемос и Мајден-Промахои, нагласи Османи.
Министерот Османи претходно оствари средба со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, во чиј фокус беа напредокот на билатералните односи по Договорот од Преспа, ситуацијата во регионот и европската перспектива на Македонија.
Eднодневната работна посета на Атина Османи ќе ја заврши со средба со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис.
Ново на Сител
-
Песов: Украина продолжува да ги одбива преговорите со Русија
-
Светска програма за храна: Итно се потребни милијарди долари за да се реши проблемот со жариштата на гладта во светот
-
Путин: Западот ја турка Русија на црвената линија, Москва ќе мора да одговори
-
1.036 производи во „Новогодишната кошница“ - Пазарниот инспекторат констатирал ситни пропусти
-
Со автомобил удриле во бетонски ѕид, 80-годишен сопатник загина a возачот е тешко повреден
-
Таравари: Се анализира работата на директорите во јавното здравство
-
До четврток стабилно и релативно топло време
-
Отворен jавен повик за доделување финансиска поддршка за нови дестинации од аеродромите во земјава