Македонија
12. January 2021 - 13:54

Османи: Бизнисот треба да ги предводи добрососедските односи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со претседателите од четирите стопански комори во земјава, кои го сочинуваат Комитетот за бизнис дијалог со Хеленската Република, како и со дел од Меѓународната група на експерти кои се дел од овој деловен дијалот со грчките стопански субјекти.

МНР информира дека средбата е реализирана во пресрет на посетата на министерот Османи на Атина, со цел размена на информации и координација на идните активности кои произлегуваат од Договорот за стратешко партнерство и неговиот Акциски план, наменети да го поттикнат и структурираат дијалогот меѓу бизнис-заедниците на двете соседни држави. 

– Македонија придава особена важност на односите со пријателска Грција, која е еден од нашите најзначајни трговски партнери и инвеститори со кои веќе остваруваме забележително ниво на соработка. Очекувам идните ангажмани на Комитетот за бизнис дијалог и Меѓународната група на експерти да ја поткрепат и дополнат успешната комуникација во насока на ширење на потенцијалите и можностите за бизнисот, нагласи Османи, потенцирајќи дека добрососедските односи се првиот приоритет на надворешната политика на земјата, не само во насока на политичката стабилност, туку и од аспект на потребата за поголема економска размена и соработка.

Како што наведува МНР, целта останува двете држави преку своите деловни заедници да изнајдат најдобри решенија во однос на регулирањето на трговските марки, трговските имиња  и ознаките на потекло, што ќе придонесе за уште поинтензивна соработка меѓу Македонија и Грција.

– Бизнисот и економијата имаат прагматичен пристап и тие треба да ги предводат добрососедските односи, истакна Османи.

Искуствата, мислењата и ставовите изнесени на средбата, ќе бидат тема на разговор и со грчката страна при неговата претстојна посета на Атина.