Македонија
20. July 2017 - 11:51

Општина Виница асфалтира улици во селата Градец и Пеклани

Општина Виница интензивно работи на реализација на Програмата за уредување на градежното земјиште и патиштата.

Согласно Програмата, по пет децении ќе бидат асфалтирани улици во селата Пеклани и Градец.

- За асфалтирање на улици во селата Градец и Пеклани во должина од по 370 метри се издвоени четири милиони денари, додека за улици во селото Трстија и во Виница околу 10 милиони денари. Овие средства се од општинскиот буџет и од Агенцијата за државни патишта, истакна градоначалникот на општина Виница, Емил Дончев.

Покрај асфалтирањето на улици, Општина Виница започна и со уредување на речното корито на Виничка река во должина од 420 метри, проект кој општината го доби преку Источниот плански регион. Вкупната вредност на проектот е 3.626.441 денари, обезбедени од Бирото за регионален развој, а општината учествува со сопствени средства од 1.011.544 денари. Изведувач на работите е компанијата „Коп инженеринг“ од Скопје, а регулацијата на Виничка река се очекува да заврши за четири месеци.