Македонија
14. November 2024 - 16:34

Нов обид за убиство на Раде Штекли – бомба одекна во Ќерамидница

Силен одек утрово ги вознемири жителите на Ќерамидница. Трет обид за убиство на Раде Трајковски познат како Штекли. Овојпат со фрлена бомба во неговата семејна куќа. Со далечински управувач била активирана околу 9 часот утрово. Во експлозијата повреден е само Штекли кој е пренесен во хируршката болница. Од МВР потврдуваат дека бомбата е фрлена утрово во 9 часот и 20 минути во двор од семејна куќа во Ќерамидница. Местото е под силно полициско присуство, крим техниката зема примероци а целиот простор е обележан со жолти ленти.

-Бомбата беше најавена на социјалните мрежи. На видео на тик ток објавено од профил со име „радештекли26“ преку анимација со експлозија му наговестиле дека ќе го ликвидираат. И локацијата е најавена преку ова видео на кое пишува - Скопје, Ќерамидница, карши Ист Гејт! Стиже катаклизма, љуби те брат.

Министерот не одговори дали службите биле запознаени со видеото и дали им влегле во траг на извршителите. Ова не е првпат вакви криминални пресметки да се најавуваат на социјалните мрежи. За истите секојпат има потврда во полицискиот билтен, со пукања и тоа во центарот на главниот град. За Штекли тоа стана пракса бидејќи и претходните два обиди за ликвидација беа најавени на сличен начин.

Штекли и овојпат за влакно се спаси, од болницата информираат дека не е во животозагрозувачка состојба.

Штекли беше на мета и лани во септември, кога во гаражата на Ист Гејт беше пукано во него. Тој не беше повреден бидејќи бил во блиндирано возило. Нападот се случи во попладневните часови во преполн мол, каде има и голем број камери. Само еден месец подоцна во истиот трговски центар напаѓачите му направија заседа и пукаа додека тој со својот пријател  се движеше по  ескалаторот.

За Штекли е познато дека овде живее отсекогаш, куќата не е изолирана во маалото. Има голем број семејни куќи во околината. Бомбата била поставена од страничниот дел каде во близина живеат повеќе негови соседи.За среќа нема други повредени. Инаку во околината се наоѓа и топланата но и бензиска пумпа. Поставувањето на експлозивни направи во ваква средина можело да предизвика катастрофа од невидени размери. Раде Трајковски Штекли има полициско досие и е познат во подземјето а го поврзуваат со повеќе криминални пресметки.