Македонија
18. January 2017 - 10:53

Охридска премиера на драмската презентација „Дениција“ од Петре М. Андреевски

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид вечер премиерно ќе биде изведена драмската презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.

Станува збор за копродукциски проект на Народниот театар од Охрид и Театарот „Ici et la“ од Париз, Франција, подготвуван изминатите две години посветен на поетското творештво на Андреевски.

Проектот е осмислен како начин да се презентира и вметне „Дениција“ и поезијата на Андреевски во основите на македонскиот духовен идентитет во европски и светски рамки.

Во овој несекојдневен театарски потфат на режисерот Константин Плевнеш, кој е воедно автор на оригиналната музика, во улогата на Петре М. Андреевски настапува првенецот на Драмскиот театар од Скопје Рубенс Муратовски, улогата на Дениција ја толкува младата актерка Димитрина Мицкоска, а Саша Ефтимова од МОБ ќе ја видиме во улогата на божицата Талија. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Марија Пупучевска, видео-арт Милчо Узунов, додека уметнички советник е Флориан Габер.

Во рамките на претставата користени се и слики на Сергеј Андреевски на тема „Дениција“.