Македонија
24. March 2016 - 15:46

Оер: До јуни ќе има доволно време да се подобрат состојбите

Француската амбасадорка Лоренс Оер денеска во Струмица учествуваше во дебата посветена на политичките права и слободи на граѓаните, организирана во рамки на Отворените денови на амбасадата со општините.

Амбасадорката Оер посочи дека на дебатата со граѓаните биле отворени голем број прашања, а интересно, рече, беше и излагањето на заменик народниот правобранител кој ги потсети граѓаните за нивното право за давање претставки, запознавајќи ги и со правата, како што се индивидуалните и слободата на говор и гласање. 

Таа изрази уверување дека Државната изборна комисија ќе ја заврши успешно нејзината задача.

- Сега и претстои суштинска работа на Државната изборна комисија затоа што кај нив треба да се спроведе најголемата работа, за месец дена пред изборите да има список стабилен и прочистен и во кој сите гласачи ќе имаат доверба. Среќни сме да забележиме дека теренската проверка е веќе почната, за која искрено се надеваме дека ќе ги даде очекуваните резултати. Инаку, станува збор за процес кој одблиску го следиме и поддржуваме, процес кој ќе ја зголеми довербата кај граѓаните. Навистина слободниот избор е од суштинско значење. Но, тоа не е единствен услов, независност на медиумите, поделеноста на средствата на државата и политичките партии, низа предизвици за кои ние отворено говоревме, рече Оер.

Во однос на изјавата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека нема да ја коментира само посочи дека треба да се создадат сите услови за СЈО да функционира. - Не станува збор само за едно лице - Катица Јанева, туку за цела институција. Специјално јавно обвинителство треба непречено да работи, со надлежност да отвора и да води истраги, а потоа да ги пренесе на постапување во судовите, рече Оер.

Прашана дали ќе се исполнат сите услови за одржување избори на 5 јуни, Оер со став дека почнати се многу суштински работи кои, според неа, треба да доведат до датумот 5 јуни.

- За Пржинскиот договор ќе кажам дека содржи многу работи, голем број структурни реформи. ЕУ дава голем број средства да се постигне тоа. Ја поддржуваме целокупната работа на ДИК, работата е почната и она што се е поразлично на овие избори е дека сега е почната суштинска работа за прочистување на избирачкиот список, како што е почната суштинската работа на СЈО, која може да не донесе до датумот. Мене ми е совршено јасно дека работите не може да се променат преку ноќ, особено не во областа на медиумите и нивната покриеност за изборите. Треба да ги обединиме напорите сите за успесите да дојдат. Усвоена е методологијата и тактиката. И воопшто не се сомневам дека не е во ничиј интерес Македонија да се држи далеку од секаков вид напредок и од доближување до ЕУ. Сметам дека тоа е во интерес на сите политички партии. Без разлика која е на власт, секоја би сакала напредок и излез од политичката криза. Мислам дека до јуни навистина ќе има доволно време за да се подобрат состојбите, рече Оер одговарајќи на новинарско прашање.