Спорт плус
8. јуни 2016 - 14:43

Oдбојкарите драстично ослабени патуваат за Варна

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва во 22ч со автобус заминува за Варна, Бугарија каде заедно со домашната селекција , Данска и Албанија ќе се бори за првите две места во групата кои значат влез на завршниот фајнал-фор од Европската лига. 

Нашата селекција го брани бронзениот медал од минатата година но селекторот Жарко Ристовски на денешната прес-конференција истакна дека бројните повреди и откажувања ја фрлаат нашата селекција во аутсајдерска улога:
- Имаме многу проблеми но состојбата драстично се менува со откажувањето на Јовица Симовски со што се „руши“ нашиот систем на игра со два коректори  кој и ни го донесе ланскиот успех.  Сега сме принудени да менуваме  и ќе играме со еден коректор што е ризичен потег особено што немавме ниту една контролна средба за да го провериме функционирањето со младите играчи кои ги покрија местата на 6-те вкупно  одбојкари  од лани кои заминаа од националниот тим.  Се надевам дека ќе успееме со принудните рокади да одиграме на потребното ниво и да оствариме успешни резултати пред вториот турнир во Скопје (16-18 јуни)-изјави на прес конференцијата селекторот Ристовски. 
Капитенот Никола Ѓорѓиев изрази големо жалење поради откажувањето на Симовски ( поради семејни причини):
-Во Македонија нема замена за Симовски но верувам дека ќе имаме сили да одиграме на потребното ниво. Убеден сум дека имаме квалитет за две победи и за мене лично единствен успех од овие квалификации е пласманот на завршниот фајнал-фор-изјави Ѓорѓиев. 
На прес конференцијата беше и Симовски кој изјави дека жали што не патува во Варна но тоа не значи и дека се повлекува од репрезентацијата  и најави настап во квалификациите за следното ЕП. 
Македонија во петок го игра првиот меч со Албанија потоа во сабота игра со Данска и в недела со домаќинот Бугарија.