Одбележан Меѓународниот ден на трудот, се бараат повисоки плати
Линеарно зголемување на платите веднаш за најмалку 2.806 денари и потпишување Општ колективен договор во јавниот и приватниот сектор со кој ќе се регулираат зголемувањето на платите и враќањето на изгубеното право на К-15, се клучните барања на ССМ кои од вчерашниот првомајски протест, и беа испорачани на Владата.
ССМ потенцира дека товарот на кризата не смее да падне само врз работникот. Повеќе нема време за чекање и барањата мора да се исполнат ден поскоро, зашто работникот е доведен до работ на егзистенција, порачаа оттаму. Владата, пак, вети заедничка борба со синдикалците за унапредување на работничките права и за повисоки плати.
-Имавме многу причини за организирање на протестот. Со месеци наназад укажуваме на стагнирање на државата и на продлабочување на кризата. Огромниот товар од кризата не смее да падне само на грбот на работникот. Со овој протест сакаме да укажеме дека во овие клучни моменти државата, Владата и работодавач не покажаа волја, што резултираше со замирање на социјалниот дијалог. Товарот на кризата мора да го понесат сите, а не само работниците кои се доведени до работ на издржливост. Така веќе не може, ви оставивме премногу време, рече Иван Пешевски, потпретседател на Синдикатот на градежници.
Тој напомена дека ССМ не почнува протест без да бидат искористени сите можни преговарачки услови. Работниците, дополни, веќе нема да чекаат, а Владата треба веднаш да ги разгледа и усвои предложените синдикални барања.
Вицепремиерот Битиќи кој заедно со министерката Тренчевска вчера ги пречека синдикалците, рече дека работникот е на прво место, а човечкиот капитал пред се и тоа, напомена, не треба никој да го заборави.
-Треба да се зборува и за еднаквиот третман на мажите и жените на пазарот на трудот, за безбедноста при работа, како и за сите други права кои се забораваат, посебно за време на кризи, истакна Битиќи.
Тренчевска, пак, вети дека Владата заедно со синдикалните претставници ќе ја продожи борбата за подобри работни услови, за унапредување на работничките права и за повисоки плати. Во кусото обраќање, министерката потенцира дека трудот на работникот мора да се вреднува и дека работодавачите мора да ги почитуваат своите обврски. Најави и засилени инспекциски контроли, како и казни доколку се утврди дека работодавачите не ја исплаќаат платата законски и на работниците им даваат под 18 000 денари.
Порастот на цените на храната и енергенсите и зголемената инфлација што се јавија како последица од глобалната енергетска криза и руско-украинскиот конфликт ги принудија синдикатите да се мобилизираат и секој на свој начин, преку протести и штрајкови, да бараат зголемување на платите за работниците. Анализите на ССМ покажуваат дека минатиот месец инфлацијата е зголемена за 8,8 проценти и дека доколку поскоро не се зголемат платите, инфлацијата ќе го „изеде“ бараното зголемување.
Ставот на Владата е дека платите треба да растат, но смета дека само преку дијалог може да се дојде до најдоброто одржливо решение. Оттаму велат дека по минималната, ќе растат и останатите плати, но дека е потребна поголема продуктивност и ефикасност кај вработените во јавниот сектор.
По барање на синдикатите од април е зголемена и минималната плата и таа сега изнесува 18.000 денари во нето износ. Договорот беше постигнат на почетокот на февруари по неколкудневни преговори меѓу синдиктите, работодавачите и Владата. Синдикатите како аргумент за зголемување на минималната плата ги посочија животните трошоци и фактот дека две минимални плати се малку за да се покрие една синдикална кошница. Зголемувањето на минималната плата е потпомогнато од страна на државата која до крајот на годината ќе го субвенционира делот од придонесите за што од Буџетот се одвоија 16 милиони евра.
Сменети се и критериумите за усогласување на минималната плата. Така, отсега усогласувањето, кое се врши секој март, ќе се прави врз основа на следните критериуми – 50 проценти од порастот на просечната плата и 50 проценти од процентот на индексот на живот, со дополнителен услов, уделот на минималната во просечната плата задолжително да биде над 57 проценти.
По зголемувањето на минималната плата, дел од синдикатите побараа усогласување на останатите плати укажувајќи дека доколку тоа не се случи, ќе има ситуации во кои вработени на пониски работни места ќе земат поголеми плати од оние кои имаат повисоко образование и вршат посложени работни задачи. Од Владата најавија дека ќе има усогласување и дека тоа ќе се случи во период од шест месеци.
Ново на Сител
-
МВР објави оглас за прием на 600 нови полицајци
-
Седници на шест собраниски комисии
-
На Попова Шапка -10 степени и 44 сантиметри снег
-
Седница на Државната изборна комисија
-
Три земјотреси во текот на ноќта во Македонија
-
Груби преку социјалните мрежи појасни дека е Косово во приватна посета
-
Синоќа полициска акција на неколку локации низ државата
-
Премиерот Мицкоски на средба со Советот на странски инвеститори