Македонија
1. August 2023 - 21:23

Од Влада не откриваат што ќе прават со оставките на министрите на ДУИ

Оставките потпишани и депонирани до Влада, но неизвесно е кога истите ќе стигнат во Собрание. Иако Сител испрати прашање до владината прес-служба дали премиерот веднаш ќе го извести собранискиот спикер за оставките или ќе ги чува во фиока до исполнување на условите, одговор нема.

Во писмото до премиерот, министрите од ДУИ наведуваат дека ваквата одлука следува по барањето на ВМРО-ДПМНЕ тие да ја напуштат владата за опозицијата да ги гласа уставните измени, но и поради европската иднина на државата, членството во НАТО, стратешките односи со САД..

„Имајќи го предвид непристојниот услов на опозицијата да ги гласа уставните измени во Собранието, свесни за важноста на интеграцијата и достоинствената иднина на Република Северна Македонија, почитуван премиере, Ви ја поднесувам мојата оставка од позицијата .....која ве молам да ја активирате во моментот кога опозицијата ќе гласа за предложените уставни измени во Собранието и истите ќе стапат во сила“, пишува во оставките на функцинерите на  ДУИ.

Партиската одлука за повлекување од власта ќе ја следел и собранискиот спикер Џафери. 

Со ставениот потпис на оставките, според интегративците, тие стануваат ефективни веднаш по гласањето, но експертската јавност бурно реагира дека не постои условена оставка. 

Ниту Уставот и ниту пак Деловникот не познаваат ваква оставка. Според челеновите 219 и 220 од Деловникот, министрите доставуваат оставки до претседателот на Собранието, преку премиерот. Собранискиот спикер е должен веднаш ги извести пратениците и ги става оставките на констатирање на првата наредна седница. 

За опозицијата потегот на ДУИ е само план за купување време и бегање од предвремени избори. Велат ДУИ поднесува оставки за фолирање.

И од СДСМ велат дека се исполнети сите услови ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.

Првата закажана седница на Парламентот е на 18-ти август, на која на дневен ред се ставени измените на Уставот, но власта веќе најави дека по завршувањето на расправата опција е  гласањето да се одложи или да не се случи доколку нема сигурни 80 гласа.