Од Скопскиот аеродром до 44 дестинации со зимскиот ред на летање, до четири од Охридскиот
Со новиот зимски ред на летање, што стапува во сила на полноќ, од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе летаат 14 авиокомпании до вкупно 37 редовни дестинации и до седум дестинации со чартер летови, или вкупно 44 дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје. Од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, пак, три авиокомпании ќе летаат до четири дестинации.
Од аеродромскиот оператор ТАВ Македонија информираат дека согласно најавите и информациите добиени од авиокомпаниите, од Меѓународниот аеродром Скопје ќе сообраќаат: Aegean Airlines, Air Serbia, Ajet, Austrian Airlines, Chair Airlines AG, Croatia Airlines, Edelweiss, Lot Polish Airlines, Lufthansa, Pegasus Airlines, SunExpress, Turkish Airlines и Wizz Air. Тие ќе летаат до дестинациите: Анталија, Атина, Базел Милуз, Белград, Берлин, Болоња, Братислава, Бремен, Брисел Шарлероа, Будимпешта, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Измир, Карлсруе, Ларнака, Љубљана, Лондон Лутон, Малме, Малта, Милано Малпенса, Минхен Меминген, Нирнберг, Осло Сандефјорд, Париз Бове, Рим Фиумичино, Салцбург, Сараево, Венеција Тревизо, Виена, Загреб, Цирих, Варшава. Четиринаесеттата авиокомпанија е Freebird, која што ќе сообраќа на чартер летови до/од скопскиот аеродром до/од Хамбург/Хановер, Минхен/Штутгарт, Берлин/Лајпциг, Манчестер/Лондон, Париз, Лион/Марсеј, Диселдорф/Франкфурт. Дополнително, на овие пет дестинации летаат повеќе од една авиокомпанија: Анталија (Pegasus и Sunexpress), Франкфурт (Lufthansa до аеродромот Франкфурт и Wizz Air до аеродромот Хан), Истанбул (Turkish Airlines до аеродромот iGA; Pegasus и AJet до аеродромот Сабиха Гокчен), Измир (Pegasus и Sunexpress) и Цирих (Edelweiss и Chair Airlines).
Од Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, Wizz Air, Chair Airlines и Edelweiss ќе летаат до Виена, Меминген, Дортмунд и Цирих, соодветно.
Зимскиот ред на летање за Охридскиот аеродром е идентичен со ланскиот зимски распоред на летови, 2023/2024 година. За скопскиот аеродром минатата година зимската сезона имаше 13 авиокомпании кои летаа до 42 дестинации, сега има 14 авиокомпании кои оперираат до 44 дестинации вклучувајќи ги и чартер летовите.
Со последниот повик за субвенционирање на авиолинии следната година од македонските аеродроми ќе може да се патува до Дубаи и Барселона, дстинации кои се обновуваат, како и до Лион, Штутгард, Базел и Истанбул.
Од Скопскиот аеродром од 30 март двапати неделно ќе има летови Скопје-Дубаи-Скопје, исто како и Скопје-Барселона-Скопје од 30 јуни, од кој датум три пати неделно ќе се лета на релацијата Скопје-Лион-Скопје и Скопје-Штутгард-Скопје.
На Охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе се опслужува два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) на која ќе се лета четири пати неделно.
„Виз Еир“ ќе ги опслужува летовите за Штутгард, Базел, Барселона и Лион, Флај Дубаи за Дубаи, а „Туркиш Ерлајнс“ за Истанбул. Тие ќе добиваат субвенции од 12 евра по патник на доаѓање на Охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром.
-Овие шест дестинации се прекрасна вест за македонските граѓани. Директно поврзување со Дубаи, Барселона Штутгард, Лион, Базел и Истанбул се прекрасна вест која ќе донесе бројни нови туристи и полесно патување за македонските граѓани, рече вчера на прес-конференција министерот за транспорт и врски Александар Николоски, објавувајќи го исходот од повикот.
Со новите шест линии се очекуваат дополнители 200 000 патници низ македонските аеродорми.
Позитивни ефекти од субвенциите од повикот очекува и аеродромскиот оператор, со зголемување на бројот на нови дестинации.
-За аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, моделот за субвенционирање летови на нови авиокомпании до нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром е целосно прифатлив и според проценките овие субвенции би биле одлична можност и би имале голем ефект врз зголемувањето на бројот на нови дестинации, привлекувањето нови авиолинии да оперираат од скопскиот и охридскиот аеродром и следствено на зголемување на бројот на патници на аеродромите и туристите во земјава, изјавија од подружницата на ТАВ Аеродроми во државава.
Како што соопшти Николоски, Министерството за транспорт и врски е во процес на подготовка на втор повик кој треба да се објави кон крајот на ноември и да донесе нови дестинации.
Со последниот повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Аеродормот Св. Апостол Павле во Охрид за периодот 2025-2027 година се предвидени средства во износ од 360 милиони денари. Првпат субвенции се доделуваат по дестинација, а не како претходно на авиокомпанија. Со промените во доделувањето субвенции, како што оцени при објавата на повикот министерот Николоски, се решава проблемот со зависност од една авиокомпанија.
Финансиска поддршка во авиосообраќајот во државава се доделува од 2012 година од кога беа склучени три последователни тригодишни договори со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Виз Ер“. Последниот од трите договори со „Виз Ер“ заврши на 1 март 2022 година, по што претходната Влада го промени моделот за финансиската поддршка отворајќи можност да се склучи договор со повеќе авиокомпамнии. По првиот неуспешен повик беше објавен нов повик и на 13 април минатата година Владата склучи договори со „Луфтханза“ за нова авиолинија од Скопје до Франкфурт и со „Виз Ер“ за летови од Скопје до Луксембург, Штутграт, Салцубург и Љубљана.
Од ТАВ Македонија очекуваат позитивниот тренд во побарувачката на авиосообраќај да продолжи на светско ниво, па следствено на тоа, силна побарувачка и за летовите од Скопскиот и Охридскиот аеродром.
-Ако сѐ уште ја земаме предвид Ковид-пандемијата и огромното влијание што го имаше врз воздухопловството воопшто, посочуваат, може да се забележи дека најголемиот дел од европскиот воздушен сообраќај е повторно на вистинскиот пат и го надминува обемот на авиосообраќај од 2019 година. Скопскиот и охридскиот аеродром, на пример, го надминаа бројот на патници од 2019 година во 2023 година за 33 проценти, а македонските аеродроми ги надминаа прогнозите на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) за патничкиот сообраќај на европските аеродроми за 2023 година за речиси 23 проценти во однос на 2019 година. Иако патничкиот авиосообраќај се разликува од земја до земја, од регион до регион, прогнозите беа дека оваа година воздушниот сообраќај на европско ниво ќе ги надмине нивоата од 2019 година за +3,2 проценти, велат од аеродормскиот оператор.
Според статистиката и податоците за периодот јануари – септември годинава вкупниот број на патници на двата аеродроми во државава е 2 434 437, кои патувале на вкупно 19.590 летови. Овие бројки претставуваат раст од три проценти и 11 проценти, соодветно, споредено со истиот период минатата 2023 година.
ACI предвиде зголемување од +1,4 проценти на патничкиот сообраќај на европските аеродроми за 2024 година.
ТАВ Македонија, во однос на авионскиот карго транспорт преку Карго центарот на Меѓународниот Аеродром Скопје, го заврши периодот јануари – септември годинава со вкупно 3.336.099 тони превезен авионски карго товар, што споредено со бројките од 2023 година за истиот период, претставува 34,3 проценти пораст, односно 11,4 проценти пораст на увозно и 75,5 проценти пораст на извозно карго.
-Ние сме многу среќни за овој пораст и ќе продолжиме да ги негуваме односите со нашите партнери на ова поле, како и да ги одржуваме високиот квалитет и ефикасноста на услугите од нашиот Карго центар за да може да одговориме на зголемената побарувачка за авионски карго транспорт, велат од ТАВ Македонија.
Во септември годинава ТАВ Аеродроми најави дека подготвува мастер-план за развој на двата македонски аеродроми. Според најавите, до крајот на годинава, концесионерот ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, да ѝ го презентира планот на македонската Влада.
Ново на Сител
-
Груби ги демантираше наводите за неговата поврзаност со палењето на македонско знаме, побара јавно извинување
-
Највисока снежна покривка од 68 см во Маврови Анови, најмногу дожд во Крушево
-
Русија со дронови ги нападна Киев и Херсон
-
Вучиќ: Имаме информации кој го извршил нападот, ова е вистинска хибридна војна против Србија
-
Протест во Нови Сад по еден месец од трагедијата на железничката станица
-
Една нерегистрирана училишна кујна, оштетени работните површини во четири училишни кујни
-
Девојки од Бразил се проституирале во Џевахир за 150 до 800 евра
-
Триесетина села во Пелагонија без струја