Од денеска сите вработени во МВР добиваат покачување на платата од пет проценти
Во насока на континуирано мотивирање на вработените во МВР, издејствувавме зголемување на платите за пет проценти почнувајќи од 1 септември 2022, од Буџетот на МВР, што претставува трето покачување на платите на вработени во МВР, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил.
Во 2018 година, појаснува, се издејствува зголемување на платите за околу пет илјади униформирани полициски службеници, притоа овозможувајќи издвојување на работните позиции помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од останатите вработени.
– Со ова за првпат е извршено зголемување на бодови за полициски службеници за 10 и 20 бодови за работната позиција „полицаец“, од категориите Е5, Е4, Е3 и Ж5, Ж4 и Ж3, за што во Буџетот на Министерството за внатрешни работи за 2019 година побарани се и одобрени парични средства за исплата на зголемување на плата во износ од 80.000.000 денари на годишно ниво за 4.821 униформиран вработен. Посебно значајно за ова раководство на МВР е што вакво зголемување за основната компонента полицаец се остварува за првпат од 1991 година па наваму, напиша Спасовски.
Второто покачување следуваше во септември 2019 година, при што платата на вработените во МВР беше зголемена за пет проценти, а за спроведување на ова зголемување беше зголемена вредноста на бодот од 26,09 денари на 27,72 денари.
Исто така, со зголемување на платите од 30 отсто, пишува Спасовски на фејсбук, се опфатени 100 лица од Одделот за информатика и телекомуникации и тоа сметано од 01.01.2020 година.
– Министерството за внатрешни работи се реши на овој чекор токму од причина да се мотивираат овие кадри да не заминуваат од министерството и соодветно да придонесат на позициите за кои се ангажирани, објави министерот.
Меѓудругото, во 2020 и 2021 година, благодарение на домаќинското работење и остварените заштеди во Буџетот, оценува Спасовски, беа обезбедени средства за доброволна исплата на бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2017 и 2018 година, во вкупен износ од околу 97.995.636 денари, и тоа: бонус плата за 2017 за 1.819 вработени во вкупен износ од 46.339.025 денари и бонус плата за 2018 за 1.916 вработени во вкупен износ од 51.680.268 денари.
И во 2021 година е извршена исплатата на бонус плата за вработени во МВР за остварени прекувремени часови во 2020 година, при што се исплатени 4.502 вработени, во вкупен износ од 135.969.404 денари. Покрај ова, за припадниците на Одделот за специјални полициски операции отпочна исплатата на патни трошоци за оние кои живеат надвор од градот Скопје, како и исплата на дневници за службени патувања.
Со најновиот Колективен договор, потсетува министерот Спасовски, донесени се одлуки кои значат финансиско зголемување за вработените во МВР.
– Пет проценти исплата за домашно дежурство за неуниформирани полициски службеници, исплата на јубилејна награда за 10 години непрекината работа во МВР, исплата на еднократна помош од 100 евра во денарска противвредност за новородено дете, за припаднички на МВР, исплата на надоместок за ментор за успешно спроведена менторска програма, исплата за надоместок на храна за ноќна работа, а во 2021 година исплатени се 259 вработени во вкупен износ од 6.149.195 денари, напиша Спасовски.
Дополнително, во согласност со новиот Закон за минимална плата, за сите вработени во Министерството за внатрешни работи, на кои им се исплаќа платата врз основа на Законот за внатрешни работи и Колективниот договор, минималната бруто-плата изнесува 26.800 денари. Тоа значи дека платата за вработените во МВР за најниското работно место со статус на овластени лица и полициски службеници, во согласност со систематизацијата на МВР, е над предвидената минимална плата.
Од полициските службеници кои беа доведени во состојба на супстандардни услови, без потребна опрема и униформи, објави на фејсбук министерот Спасовски, создадовме мотивирана полиција која работи во интерес на граѓаните и државата.
Тој најавува дека продолжуваат и во наредниот период со уште поголема енергија да ги воспоставуваат европските стандарди во полицијата за да можат да претендираат на уште подобри резултати во работењето.
Ново на Сител
-
Вооружен грабеж во продавница на Градски стадион - уапсени две лица
-
Мерки притвор
-
Хаос и караници на вонредната седница на советот на Град Скопје
-
Тема на денот со Борче Треновски
-
Коцевски му одговори на премиерот
-
Отпочна со работа Флекс Брокер, третата компанија во Флекс Групацијата
-
Кредит за фирмите
-
Пренатрупаност во затворите