Бизнис
3. April 2023 - 13:25

Од 5 април доматите 70 денари, кромидот 60, пиперот 90, лимонот 55, а бананите 70 денари

Владата денеска ја донесе Одлуката со која се замрзнуваат цените на 11 видови овошје и зелечук. Одлуката, со која се опфатени доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот, ќе важи од 5 април до крајот на месецов.

Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, свежите домати ќе чинат максимум 70 денари, краставиците 75, кромидот 60, карфиолот 70, пиперот 90, гравот 75, леќата 110, бананите 70, портокалите 55, мандарините 60 и лимонот  55 денари.

-Ги уверувам граѓаните дека согласно сите анализи, цените, посебно на прехранбените производи и енергенсите, целосно се стабилизирани и имаат надолен тренд, на намалување, истакна Бектеши.

Сепак, рече, ќе се причекаат официајлните податоци од Државниот завод за статистика кои треба да се објават на 7 април.

Министерот ги повика трговците да ја почитуваат Одлуката. Анализите покажале, напомена министерот, дека за овие производи имало големи маржи кои во март достигнале дури 200 - 250 отсто.

На прес-конференцијата во Владата се очекува да се обрати и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.