Loading Video...
Македонија
28. May 2021 - 21:22

Од 1 јуни без маски, но со полициски час - како ќе се регулира присуството на стадионите?

Публиката се враќа на стадионите по повеќе од година дена. Од 1 јуни сите спортски натпревари оргaнизирани на отворени терени ќе бидат со публика но,  со максимална исполнетост до 30 отсто  од капацитетот. Ова правило нема да важи за спортските сали, кои остануваат затворени за навивачите.

Први кои ќе можат да ја искористат оваа можност се љубителите на фудбалот, бидејќи фудбалската репрезентација на Македонија на 1 јуни игра еден од двата подготвителени натпревари во пресрет на ЕП. Во вторник во Скопје гостува селекцијата на Словенија на националната Арена „Тодор Проески“, а три дена подоцна фудбалерите на Казахстан. Билетите од утре ќе бидат пуштени во продажба.

Од ФФМ велат дека посебни услови за присуство на натпреварот нема да има. Со оглед на тоа дека времето потребно за организација на натпреварот  и за сите протоколи е многу кратко,  ќе дадат максимум се да помине во најдобар ред.

-Се надеваме дека луѓето на прав начин ќе ја сфатат потребата од заштита за самите себеси во однос на ограничувањата кои сеуште важат а тоа се  се разбира држење дистанца, местата ќе бидат ограничени, растојание мора да има и да се обидеме навистина на фер и коректен начин да бидеме само поддршка и ветер во грб за фудбалерите и да им дадеме мотив повеќе за успешен настап во Романија, вели портпаролот на ФФМ Златко Андоновски.

Инаку освен присуство на публика на спортските натпревари  Комисијата за заразни болести предложи од први јуни и  маските на отворено да не бидат задолжителни. Да се дозволат свадби на отворено со музика, но да нема повеќе од 100 гости. На една маса во угостителските  објеки да може да седат 6 лица а полицискиот час  да остане на сила од полноќ до 4 наутро. За предлозите во понеделник ќе одлучува  Главниот кризен штаб  по што во вторник се очекува да поминат на владина сендица.