Македонија
23. April 2021 - 16:53

Обвинителството ќе одлучува за истрага по ДУП за Ново Маало откако ќе ја добие иницијативата од ДКСК

Јавното обвинителство прво ќе ја чека иницијативата од Антикорупциска за поведување истрага за ДУП-от за паркингот спроти Холидеј ин, па дури потоа ќе одлучи дали ќе почне истрага. Откако ќе ја добие ќе прави проверки за да се утврди фактичката состојба.

-Иницијативите на Државната комисија за спречување на корупцијата и информациите од другите надлежни органи, особено ако се поткрепени со доволно материјални докази за да се утврди сомнение за сторено кривично дело, секако дека претставуваат основ за Јавното Обвинителство да оформи предмет и да ги направи потребните проверки. Исто така, претходно информиравме дека во врска со урбанистичките планови кои ги наведувате Јавното Обвинителство веќе ги следи сите информации и доколку бидат утврдени елементи на кривично дело ќе постапи согласно своите законски надлежности, велат од Обвинителството.

Иницијативата, според најавите од ДКСК, до ОЈО ќе биде доставена в понеделник.

Се уште се чека Советот на општина Центар да ја закаже седницата на која ќе се одлучува за евентуална суспензија на ДУП-от.

Во меѓувреме, жителите на Ново Маало најавуваат тужби и кај нас и во Стразбург доколку инвеститорите не добијат дозвола за градба. Откако ќе поднесат тужби најавуваат дека секој ден ќе ги блокираат улиците околу парцелата се до конечната пресуда.