Обвинителот во „Ласкарци“ најави преиспитување на казните
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски најави преиспитување на казните во случајот „Ласкарци“ откако денеска на шестмината обвинети, Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд Скопје им изрече затворски казни од вкупно 39 години.
- Очекувавме осудителна пресуда за сите обвинети. Што се однесува во поглед на одлуката за санкцијата секако дека истата ќе биде преиспитана од наша страна, изјави Јакимовски.
Во однос на прашањето дали е доволна казната од четири години за сопственикот Дурмиш Белули, обвинителот рече дека очекувањата биле дека казните нема да се движат поблиску до законскиот минимум од четири години.
- Нашите очекувања беа дека казните нема да се движат поблиску до законскиот минимум на казнување за ова кривично дело кое што може да се движи во распон од четири до 20 години. Во тој поглед секако дека ќе се преиспита казната и битна алка во одговорноста е одговорното лице и се надевам дека во иднина никогаш нема да бидеме сведоци на ваква трагедија, дополни Јакимовски.
Обвинителот денеска побара и мерки за претпазливост за обвинетите сѐ до правосилноста на пресудата, барање, кое Судот го одби со образложение дека мерките се веќе активни.
Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд Скопје денеска го прогласи за виновен обвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“ и му изрече казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари казна затвор шест години, а на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело им изрече затворска казна од по пет години.
Најголема казна затвор од 14 години доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.
На сите обвинети им беше изречена и забрана за вршење на професија во времетраење од пет години.
Во процесот кој започна во 2019 година на повеќе од 100 рочишта беа изведени вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење.
Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска.
Ново на Сител
-
Тројца мaлолетници нападнале син на државјанин на Белорусија
-
Туск со порака до Трамп: Не се плашиме, имаме одговор за американската царинска војна
-
Студентите во Нови Сад велат дека ќе останат на улиците и на мостовите додека правдата не биде задоволена
-
Калабрија се расплака и ја потврди разделбата со Милан
-
Трамп рече дека Венецуела ќе прифати депортирани мигранти, вклучително и членови на криминална група
-
Прегазено 3-годишно дете во Нови Пазар
-
Хеликоптерот што се урна во Вашингтон бил дел од единицата за безбедно евакуирање американски официјални лица
-
Данците во проблеми пред финалето, се повреди најдобриот светски ракометар