ОБСЕ/ОДИХР ќе го набљудува референдумот, 71 пратеник се вклучија во кампањата „За“
- Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР од вчера и официјално почнаа со набљудување на референдумот, што ќе се одржи на 30 септември. Во меѓувреме, Собранието соопшти дека 71 пратеник активно ќе учествува во кампања „За“ на референдумот, пратеникот Антонијо Милошоски е дециден дека ќе бојкотира, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште тактизира и својот конечен одговор го најави за среда.
Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Јан Петерсен на прес-конференција рече дека мисијата има јасен мандат, непристрасно ќе го набљудува референдумот и оти нема да се вмешува во референдумскиот процес.
- Нас не не интересираат резултатите од референдумот, туку интегритетот на самиот процес, рече Петерсен.
Мисијата ќе се состои од 270 набљудувачи - клучен тим од 13 експерти со седиште во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени низ земјата во мултинационални тимови од по двајца од 5 септември. Додаде дека покрај ова, ОДИХР ќе побара од членки на ОБСЕ да обезбедат 250 краткорочни набљудувачи кои ќе пристигнат неколку дена пред референдумот.
Клучниот тим набљудувачи ќе има претставници од САД, Норвешка, Русија, Романија, Франција, Словачка, Бугарија...
- Мисијата ќе објави преоден извештај во текот на својата работа. На денот по референдумот на прес-конференција ќе биде објавена изјава за прелиминарни наоди и заклучоци. ОДИХР ќе издаде конечен извештај за набљудувањето приближно два месеци по завршување на референдумот, рече Петерсен.
Собранието во меѓувреме соопшти дека пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници или 71 пратеник се изјаснија дека се „За“ на референдумското прашање и го информирале претседателот на Собранието Талат Џафери дека нивните пратеници ќе земат активно учество во јавната кампања за референдумот за името, што ќе се одржи на 30 септември.
- Пратеникот Антонијо Милошоски, како поединец пратеник испратил допис дека ќе учествува во кампањата со бојкотирачки став, бидејќи е против референдумското прашање. ВМРО-ДПМНЕ уште нема доставено известување, а според најавите од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе го сторат в среда, соопшти Собранието.
На вчерашната координација со која раководеше Талат Џафери, присуствуваа потпретседателите и координаторите на сите пратенички групи освен на ВМРО-ДПМНЕ.
- Уште еднаш беше потенцирано дека пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен, појасни Собранието.
Собранието формираше Координативно тело за подготовка и спроведување на јавната кампања кое ќе го раководи Џафери.
Паралелно со засилување на референдумската кампања, група американски Конгресмени се во посета на македонското Собрание.
Темите за кои се интересирале американските конгресмени вчера на средбата со собранискиот спикер Талат Џафери, со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, биле собраниските активности во пресрет на јавната пропаганда за референдумот, надлежностите на Собранието во извршувањето на уставно пропишаната надзорна функција и законската регулатива во безбедносниот сектор, со што ќе се обезбеди квалитетен и демократски парламентарен надзор.
Тие разговарале и за реформските процеси за забрзана интеграција на државата во НАТО и ЕУ.
Во делегацијата од САД се американските конгресмени Бил Флорес, Дејвид Прајс, Дина Титус, Гери Коноли и Сузан Дејвис.
Конгресмените, како што соопшти Собранието, го истакнале задоволството од несомнениот напредок на државата на планот на евроатлантските интеграции и зацврстување на демократијата, особено по потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција, при што ја потврдиле безрезервната поддршка од САД во овие процеси
Ново на Сител
-
Ахмети: Од Законот за јазици не смее да се смени ниту точка ниту запирка, ќе биде пружен „невиден отпор“
-
Тема на денот со Нуман Куртулуш, претседател на националното Собрание на Турција
-
Поскапува животот во Македонија, граѓаните велат новогодишната кошница е игра и замајување
-
Уставен ќе добие мислење од Венецијанска за Закон за јазици - Одлуката најдоцна до мај
-
Бизнисот го чека унгарскиот кредит, банките условите
-
Со правосилни пресуди до ефикасна борба со криминалот и корупцијата
-
Шест месеци нова Влада
-
Заврши стручниот надзор на Детска за починатото седуммесечно бебе – Таравари не сака да избрзува со заклучоци