Македонија
25. January 2017 - 11:57

Објавена книгата „Солитерот Титаник“ од авторот Алмир Алиќ

Во издание на „Бата прес“ излезе од печат преводот на романот „Солитерот Титаник“, од авторот од Босна и Херецеговина, Алмир Алиќ. Делото во кое станува збор за предвоените, воените и повоените случувања во Босна и поранешните југословенски простори на крајот од 20 век, на македонски јазик го преведе Ненад Баткоски.

Литературната критика за ова дело, објавено во 2006 година, меѓу другото бележи: „...Солитерот Титаник е хумористичен роман, би се рекло и ведра урбана утопија за станарите на еден облакодер во Тузла, во временска рамка од предвоените до повоените години, што младиот писател Алмир Алиќ (1970) го кандидира за врвен босански автор.

Како што солитерот, станбената кула вистински и симболично се самоурива, така и предвоената идила на урбаното секојдневие се троши во воените, особено во повоените егзистенции на неколку ликови. Младиот наратор е сведок на недосонувани соништа на своите врсници, невини утопии на постарите што ги поттурнува секојдневниот живот, изгубените идеали како пангенерациско обележје, ама и повторно откриените чувства дека животот, и покрај сè, има смисла. Различните нараторски ракурси многу често ги заменуваат духовити секвенци и динамични дијалози...“

Објавувањето на делото е поддржано во Националната програма за издаваштво на Министерството за култура на Република Македонија за 2016 година.

Алмир Алиќ (1970) е автор на три романи („Боа во кокошарникот“, „Пиколо мондо“ и „Солитерот Титаник“, како и на голем број раскази и кратки раскази. Добитник е на голем број на литерарни признанија и награди во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора, и е еден од најпопуларните млади романсиери на тоа јазично подрачје. Живее и твори во градот Тузла.