Бизнис
3. јуни 2022 - 15:36

Ново поскапување на бензинот од полноќ, цената на дизелот останува иста

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 2.06.2022 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,497%, кај дизелот за 1,882%, кај екстра лесното масло за 4,473% и кај мазутот зголемувањето е за 1,095%.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 2,00 ден/лит, малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 2,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 3,00 ден/лит.

Од 4.6.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 109,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 111,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 99,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 98,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 54,640 (денари/килограм)

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,105%

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 4.6.2022 година.

Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, стои во соопштението од РКЕ.