Македонија
9. July 2026 - 16:44

Нема веќе организирање подарувања без дозвола и надомест од 100 евра

Се регулира пазарот за организирање подарувања. Сите инфлуенсери и познати личности, како и компании кога подаруваат производи, прво ќе мора да побараат дозвола од Министерството за финансии. За неа ќе треба да платат надомест од 6,000 денари. Кога ќе го добијат одобрението, во рок од 3 дена обврзани се да платат и 18% од вредноста на подарокот. Овие новини се дел од Законот за игри на среќа и според надлежното министерство – со истиот ќе се прецизираат условите за тие што приредуваат вакви настани, а учесниците ќе добијат поголема транспарентност. 

- Согласно дефиницијата за подарување, влогот е лајкнувањата, споделувањата, рекламирањето на одредени производи. Оние што сакаат да ги приредуваат потребно е најмалку 30 дена пред настанот да поднесат барање до Министерството за финансии, како и да платат надомест од 18% од вредноста на наградата, пред почетокот на подарувањата, изјави Николче Јанкуловски, заменик министер за финансии

Социјалните мрежи изминатиов период се преплавени од гивавеј настани, каде најчесто фирмите ангажираат познати личности да ги рекламираат и да подарат одреден производ. На тој начин фирмите добиваат бесплатна промоција, а инфлуенсерите заработуваат.

- Во последно време сведоци бевме што се случуваше во доделување на наградните игри и како на заобиколен начин се реламираа брендови. Дел од организаторите остваруваа екстра приходи надвор од законот, додава Јанкуловски 

Новина е и тоа што правилата на игра, како и резултатите од добитниците, треба да бидат јавно објавени. Времетраењето на една игра не смее да биде подолго од една година. Законот ќе почне да се применува од следната недела, односно од 14 ти јули. Од Здружението на инфлуенсери во моментов се без став за ваквото законско решение.