Македонија
24. September 2018 - 16:31

Новиот состав на антикорупциска ќе се бира по референдумот

Новиот состав на антикорупциска ќе се бира по референдумот. Според новото законско решение кое ќе влезе во собраниска процедура, членовите на комисијата не смеат да бидат партиски членови или финансиери на политичка партија во последните 10 години. Со овој закон комисијата за спречување корупција ќе добие и зголемени надлежности и финансиска независност.

Законското решение предвидува зајакнување на надлежностите на ДКСК, што ќе значи пристап до банкарските сметки на лицата кои се носители на јавни функции во однос на контролата на имот.

 Се предвидуваат и основи за зајакнато финансирање на Антикорупциската комисија со цел да може да ги врши своите овластување, вели министерката за правда Рената Дескоска.

Овој предлог закон Министерството за правда го усогласува со невладиниот сектор и правните експерти. Нивниот став е идентичен, Македонија мора да добие ефикасен државен огран кој ќе се бори со корупцијата.

- Проверката на имотната состојба е поврзана со проверката на судирот на интереси, затоа што носителите на функциите не ги пријавуваат интересите вклучително сопственоста на компании кои подоцна се јавуваат во различни постапки, рече Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнал.

Комисијата за спречување корупција во иднина ќе биде составена од претседател и 4 члена, кои ќе ги именува Собранието со мандат од 5 години, без право на повторен избор во наредните пет.